1 А кога мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Салома, купија мириси, за да дојдат и да Го помажат.
2 И многу рано, во првиот ден на седмицата, дојдоа на гробот кога изгреваше сонцето.
3 И си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одмести каменот од вратата на гробот?”
4 И кога погледаа, видоа дека каменот е одместен. Имено, беше многу голем.
5 А кога влегоа во гробот, видоа младич во долга бела облека, како седи оддесно и се зачудија.
6 Но тој им рече: „Не бојте се! Вие Го барате распнатиот Исус Назареецот. Воскресна! Не е тука! Еве го местото, каде што Го положија.
7 Туку одете и кажете им на Неговите ученици, и на Петра; дека ‘Тој отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви рече.’”
8 А тие излегоа и побегнаа од гробот, зашто ги опфати трепет и страв. И никому ништо не рекоа, зашто се боеја.
9 А кога воскресна рано, во првиот ден на седмицата, и се јави прво на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони.
10 Таа отиде и им јави на оние, кои беа со Него - кои тагуваа и плачеа.
11 А тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела - не поверуваа.
12 Потоа им се јави во друг лик, на двајца од нив, по патот, кога одеа во селото.
13 И тие отидоа и им јавија на другите; но и ним не им поверуваа.
14 Најпосле им се јави и на Единаесетмината, додека беа покрај трпезата, и ги укори заради нивното неверие и закоравеноста на срцето, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат.
15 И им рече: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание!
16 Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.
17 А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици;
18 ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно - нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат.
19 А Господ Исус, откако им го рече тоа, се вознесе на небо и седна оддесно на Бога.
20 А тие излегоа и проповедаа насекаде; а Господ помагаше и го утврдуваа словото со знаци, кои го придружуваа. Амин!