1 Бидејќи мнозина почнаа да ги опишуваат настаните, кои се наполно уверливи меѓу нас,
2 како што ни ги предадоа оние, кои од почеток беа очевидци и служители на Словото,
3 намислив и јас, откако испитав сè подробно од почеток, да ти ги опишам по ред, честити Теофиле,
4 за да ја разбереш вистинитоста на она, во кое што си бил поучуван.
5 Во деновите на јудејскиот цар Ирод, беше еден свештеник, по име Захарија, од Авијановиот род; и неговата жена од Ароновите ќерки, по име Елисавета.
6 Двајцата беа праведни пред Бога, одејќи без недостаток, според сите Господови заповеди и повелби.
7 Немаа дете, зашто Елисавета беше неплодна, а двајцата беа во години.
8 Еднаш кога тој ја вршеше свештената служба пред Бога, по редот на својот чин,
9 според свештеничкиот обичај, му се падна со жрепка да влезе во Господовиот Храм и да покади.
10 А за време на кадењето целото множество на народот се молеше надвор.
11 Тогаш му се јави Господов ангел, стоејќи оддесно на кадилниот жртвеник.
12 Кога го виде, Захарија се збуни и страв го опфати.
13 Но, ангелот му рече: „Не бој се, Захарија! зашто е услишана твојата молитва! Твојата жена Елисавета ќе роди син, кому треба да му го дадеш името Јован.
14 Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и мнозина ќе се зарадуваат на неговото раѓање.
15 Зашто ќе биде голем пред Господа - нема да пие ни вино ни опојни пијалаци; и ќе се наполни со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка;
16 и многу Израелеви синови ќе ги обрати кон Господа, нивниот Бог.
17 Тој ќе врви пред Него во Илиевиот дух и сила, за да ги обрати срцата на татковците кон децата; а непокорните кон мудроста на праведниците, и да Му приготви на Господа совршени луѓе.”
18 А Захарија му рече на ангелот: „По што ќе го познам тоа? Јас сум стар, а и жена ми е застарена во своите дни!”
19 Ангелот одговори и му рече: „Јас сум Гавриел, кој стои пред Бога и испратен сум да зборувам со тебе и да ти ја известам оваа радосна вест.
20 И ете, ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш до денот, кога ќе се збидне ова; зашто не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.”
21 А луѓето го чекаа Захарија и се чудеа зошто толку долго се задржа во Храмот.
22 А кога излезе, не можеше да им зборува и тие разбраа дека видел видение во Храмот. И тој им даваше знаци и остана нем.
23 И кога се свршија деновите на неговата служба, се врати во својот дом.
24 А по тие дни, неговата жена Елисавета зачна и се криеше пет месеци и велеше:
25 ”Ова ми стори Господ во деновите кога погледна на мене, за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.”
26 А во шестиот месец, Бог го испрати ангелот Гавриел во галилејскиот град, по име Назарет,
27 при девица свршена за маж, по име Јосиф, од Давидовиот дом. А името на девицата беше Марија.
28 И кога ангелот дојде при неа и рече: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените!”
29 Таа се уплаши од тој збор и размислуваше: каков поздрав ќе биде тоа?
30 Тогаш ангелот и рече: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога.
31 И ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус.
32 Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Сèвишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Неговиот татко Давид.
33 И ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото Царство не ќе има крај.”
34 А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?”
35 Ангелот одговори и и рече: „Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Сèвишниот ќе те осени; затоа Светото кое ќе биде родено од тебе - ќе се нарече Божји Син.
36 И ете твојата роднина Елисавета, и таа зачна син во својата старост. И тоа е веќе шестиот месец за неа, која ја наречуваат неплодна.
37 Зашто ниеден збор од Бога нема да остане без сила.”
38 Марија му рече: „Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде според твојот збор!” И ангелот си отиде од неа.
39 Во тие дни, Марија стана и отиде набргу во планинскиот крај, во еден Јудин град.
40 Влезе во куќата на Захарија и ја поздрави Елисавета.
41 И штом Елисавета го чу поздравот од Марија, младенецот и заигра во утробата, а Елисавета се исполни со Светиот Дух.
42 И извика гласно и рече: „Благословена си ти меѓу жените! И благословен е плодот на твојата утроба!
43 И откаде ми е тоа, мајката на мојот Господ да дојде при мене?
44 Зашто, ете, кога гласот на твојот поздрав дојде до моите уши, младенецот заигра од радост во мојата утроба.
45 И блажена е таа, која поверува дека ќе се исполни она, што Господ и го рекол.”
46 И Марија рече: „Мојата душа Го велича Господа!
47 И мојот дух се зарадува во Бога, мојот Спасител,
48 зашто ја погледна смиреноста на Својата слугинка. И ете! Отсега сите родови ќе ме наречуваат блажена,
49 зашто Силниот изврши големи дела за мене и Неговото име е свето,
50 и Неговата милост од род до род, за оние, кои се бојат од Него.
51 Со Својата рака направи силни дела: ги распрсна горделивите во мислите на нивните срца,
52 ги симна владетелите од престолите, а ги воздигна смирените,
53 гладните ги насити со блага, а богатите ги отпушти празни;
54 го прифати Израел, Својот слуга, да си спомни на милоста,
55 како што им рече на нашите татковци - на Авраама и на неговото Семе, довека.”
56 А Марија остана со неа околу три месеци; и се врати во својот дом.
57 А на Елисавета и дојде време да роди, и роди син.
58 И кога нејзините соседи и роднини чуја дека Господ и укажа голема милост, се радуваа со неа.
59 А на осмиот ден дојдоа да го обрежат детето, и го наречуваа Захарија, по името на татка му.
60 Но неговата мајка рече: „Не, туку ќе се нарече Јован!”
61 рекоа: „Нема никој во твојот род, кој се вика така.”
62 И му дадоа знаци на татко му, како би сакал да го наречат.
63 А тој побара штичка и напиша: „Јован му е името.” И сите се зачудија.
64 И веднаш му се отворија устата и јазикот и проговори и Го благословуваше Бога.
65 И страв ги опфати сите нивни соседи. И се говореше за сè тоа по целиот планински крај на Јудеја,
66 и сите, кои чуја, го примија тоа во своите срца, велејќи: „Што ќе биде од ова дете?” Зашто Господовата рака беше со него.
67 А татко му Захарија се исполни со Светиот Дух и пророкуваше, велејќи:
68 ”Благословен е Господ, Израелевиот Бог, зашто го посети и го искупи Својот народ;
69 и ни издигна рог за спасение во домот на Својот служител Давид;
70 како што вети од стари времиња: преку устата на Своите пророци:
71 Спасение од нашите непријатели и од рацете на сите, кои нè мразат,
72 за да ја пројави милоста над нашите татковци и да се сети на Својот свет Завет,
73 за заклетвата со која му се заколна на нашиот татко Авраам, дека ќе ни даде
74 да Му служиме без страв, избавени од рацете на непријателите;
75 во светост и праведност пред Него, во сите наши дни.
76 А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Сèвишниот, зашто ќе одиш пред Господа, за да Му ги приготвиш Неговите патишта,
77 за да му дадеш на Неговиот народ, да познае спасение преку проштавањето на нивните гревови,
78 преку милостивото срце на нашиот Бог, со кое ќе нè посети Зората од висините,
79 за да ги осветли оние, кои седат во темнина и во смртна сенка, и да ги упати нашите нозе по патот на мирот.”
80 А детето растеше и јакнеше со духот, и беше во пустините до денот кога му се јави на Израел.