Лука 16 MKB

1 А на Своите ученици им зборуваше: „Беше еден богат човек, кој имаше настојник, кого го наклеветија пред него дека му го растура имотот.

2 И тој го повика и му рече: ‘Што слушам за тебе? Дај сметка за твоето управување! Не можеш веќе да бидеш настојник!’

3 А настојникот си рече во себеси: ‘Што да правам, зашто господарот ми го одзеде настојништвото? Да копам? Не можам! Да просам? Се срамам!

4 Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од управувањето.’

5 И ги повика должниците на својот господар - секого поодделно - и му рече на првиот: ‘Колку му должиш на мојот господар?’

6 А тој рече: ‘Сто мери масло.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата, седни веднаш и напиши - педесет!’

7 Потоа му рече на другиот: ‘А ти, колку должиш?’ Тој рече: ‘Сто мери пченица.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата и напиши - осумдесет!’

8 И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапи мудро; зашто синовите на овој свет, според својот род, се помудри од синовите на светлината.

9 И Јас ви велам: спечалете си пријатели со неправедно богатство, за да ве примат во вечни живеалишта, кога ќе приврши.

10 Кој е верен во најмалото - верен е и во многу; а несправедливиот во најмалото, несправедлив е и во многу.

11 И така, ако не бевте верни во несправедливото богатство, кој ќе ви го довери вистинското?

12 И ако не бевте верни во туѓото, кој ќе ви го даде она што е ваше?

13 Ниеден слуга не може да им служи на два господара; зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да Му служите на Бога и на мамона!”

14 А сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци и Му се потсмеваа.

15 И им рече: „Вие се претставувате за праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто она што меѓу луѓето се смета за високо, пред Бога е гнасно.”

16 ”Законот и Пророците беа до Јована. Оттогаш се проповеда Евангелието за Божјото Царство, и секој насила влегува во него.

17 Полесно е небото и земјата да поминат, отколку да пропадне една цртичка од Законот.

18 Секој кој ја остава својата жена и се жени со друга, прави прељуба; и кој се жени со оставена - прељубодејствува.”

19 ”А беше еден богат човек, кој се облекуваше во црвено сукно и во ленено платно и се веселеше сјајно секој ден.

20 А еден сиромав, по име Лазар, целиот со чирови, лежеше пред неговата врата

21 и сакаше да се насити со она, што паѓаше од столот на богатиот. И кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните.

22 И сиромавиот умре, и ангелите го однесоа во Авраамовото крило;

23 умре и богатиот и го погребаа. А во пеколот, во маката, ги поткрена своите очи и го виде оддалеку Авраама и Лазара во неговото крило,

24 и извика: ‘Татко, Аврааме, смили ми се и испрати го Лазара да го накваси врвот на својот прст во вода, за да ми го разлади јазикот, зашто се измачувам многу во овој пламен!’

25 Авраам му рече: ‘Синко, сети се дека ти ги прими своите блага додека беше жив, а Лазар - злото! Сега тој се утешува тука, а ти се измачуваш.

26 Освен тоа, меѓу нас и вас поставена е голема бездна, така што ни оние кои би сакале да преминат оттука при вас - не можат; ниту пак да преминат оттаму при нас.’

27 А тој рече: ‘Тогаш, те молам, татко, испрати го во куќата на татка ми;

28 зашто имам петмина браќа, нека им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маки!’

29 А Авраам рече: ‘Ги имаат Мојсеја и Пророците, нека ги слушаат нив!’

30 Тој пак рече: ‘Не, татко, Аврааме! Но ако некој од мртвите отиде при нив, ќе се покајат.’

31 Му рече: ‘Ако не ги слушаат Мојсеја и Пророците, нема да ги придобие ни оној, кој воскреснал од мртвите.’”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24