Лука 10 MKB

1 Потоа Господ определи седумдесет и ги испрати, по двајца пред Себе во секој град и во секое место, каде сакаше да отиде;

2 и им рече: „Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.

3 Одете! Ете, Јас ве праќам како јагниња меѓу волци.

4 Не носете ни мало торбиче за сребреници, ни торба, ниту обувки и не поздравувајте никого патем!

5 И во која куќа влезете, најнапред речете: „Мир на оваа куќа!”

6 И ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на неа; а ако ли не, ќе се врати при вас.

7 Останете во таа куќа, јадете и пијте што имаат, зашто трудбеникот ја заслужува својата плата. Не преоѓајте од куќа во куќа.

8 И ако влезете во некој град и ве примат, јадете што ќе изнесат пред вас!

9 Исцелувајте ги болните во него и говорете им: „Божјото Царство се приближи до вас!”

10 Ако пак влезете во некој град и не ве примат, излезете на неговите улици и речете:

11 ”И правот од вашиот град - што се залепил на нашите нозе - ви го истресуваме; но знајте го ова - Божјото Царство се приближи.”

12 Ви велам - полесно ќе му биде на Содом во оној ден, отколку на тој град.”

13 ”Горко ти, Хоразине! Горко ти, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон беа извршени чудата, што се случија во вас, веќе одамна би се покајале, облечени во вреќи и во пепел.

14 Но на Тир и Сидон полесно ќе им биде на Судот, отколку вам!

15 И ти Капернауме, зар ќе се издигнеш до небо? Ќе бидеш разурнат до пеколот!

16 Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла; а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној, Кој Ме пратил.”

17 А седумдесетте се вратија со радост и рекоа: „Господи, и нечистите духови ни се покоруваат во Твое име.”

18 А Тој им рече: „Го видов сатаната како падна од небото, како молња!

19 Ете, ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости.

20 Но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, туку радувајте се, дека вашите имиња се запишани на небесата!”

21 Во истиот час се зарадува во Светиот Дух и рече: „Ти благодарам Татко! Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а им го откри на младенците. Да, Татко, таква беше Твојата волја.

22 Мојот Татко Ми предаде сè! И никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и Кој е Таткото - знае само Синот, и оној кому Синот сака да му открие.

23 ”И кога се обрати посебно кон учениците, рече: „Блажени се очите, кои го гледаат ова, што вие го гледате!

24 Зашто, ви велам дека многу пророци и цареви сакаа да го видат тоа, што вие го гледате, и не видоа; и да го чујат она, што вие го слушате, и не чуја.”

25 И ете, еден учител на Законот стана да Го искушува и Го праша: „Учителе, што треба да правам, за да наследам вечен живот?”

26 А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?”

27 А тој одговори и рече: „Љуби Го Господа, својот Бог - со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум; и својот ближен како себеси!”

28 Му рече: „Право одговори! Прави го тоа и ќе живееш!”

29 Но тој, сакајќи да се оправда, Го праша Исуса: „А кој е мој ближен?”

30 Исус му одговори и рече: „Еден човек, слегуваше од Ерусалим во Ерихон; и налета на разбојници, кои го соблекоа и го ранија; го оставија полумртов и си отидоа.

31 А случајно по истиот пат слегуваше еден свештеник, и кога го виде, си замина на другата страна.

32 Исто така и еден левит, кога дојде таму и кога го виде - си замина на другата страна.

33 А еден патник Самарјанец дојде до него и кога го виде, се сожали.

34 Му се приближи, му ги полеа раните со масло и вино и му ги преврза; после го качи на своето добиче, го однесе во гостилницата и се погрижи за него.

35 Утредента извади два динарии и му ги даде на гостилничарот и рече: „Погрижи се за него, и ако потрошиш нешто повеќе, ќе ти платам на враќање.”

36 Што мислиш, кој од тие тројца му беше ближен на оној, кој попадна среде разбојниците?”

37 Тој рече: „Оној, кој му укажа милост.” Исус му рече: „Оди и ти прави така.”

38 И кога одеа, влезе во едно село, некоја жена, по име Марта, Го прими во својот дом.

39 А таа имаше сестра, по име Марија, која седна при нозете на Господа и го слушаше Неговото слово.

40 А Марта се трудеше многу да Му служи што подобро. Таа пристапи и рече: „Господи! Зар не Ти е грижа дека мојата сестра ме остави да служам сама? Кажи и да ми помогне!”

41 А Господ и одговори и рече: „Марта! Марта! Ти се грижиш и се вознемируваш за многу нешта;

42 а потребно е едно. Марија го избра добриот дел, што нема да и се одземе.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24