1 А наближуваше празникот на бесквасните лебови, кој се вика Пасха.
2 Свештеничките главатари и книжниците размислуваа како да Го убијат; но се плашеа од народот.
3 Тогаш сатаната влезе во Јуда, кој се викаше Искариотски, еден од бројот на Дванаесетмината.
4 Тој отиде и се договори со свештеничките главатари и со заповедниците како да им Го предаде.
5 И тие се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници.
6 И тој се согласи и бараше згодна прилика за да им Го предаде, кога таму не ќе биде народот.
7 И дојде денот на бесквасните лебови, кога требаше да се заколе пасхалното јагне.
8 И ги испрати Петра и Јована, велејќи: „Одете и пригответе ни да ја јадеме Пасхата!”
9 А тие Му рекоа: „Каде сакаш да ја приготвиме?”
10 А Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете во градот, ќе ве сретне човек, кој носи врчва со вода; одете по него во куќата во која ќе влезе
11 и речете му на домаќинот: ‘Учителот прашува, каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со Своите ученици?’
12 И тој ќе ви покаже голема горна одаја послана, таму пригответе!”
13 А тие отидоа и најдоа како што им рече и ја приготвија Пасхата.
14 А кога дојде часот, седна Тој крај трпезата и апостолите со Него,
15 и им рече: „Многу сакав да ја јадам со вас оваа Пасха, пред да пострадам,
16 зашто ви велам: нема веќе да ја јадам додека не се исполни во Божјото Царство.”
17 И ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете ја и поделете ја меѓу себе,
18 зашто ви велам дека нема да пијам од лозовиот плод - додека не дојде Божјото Царство!”
19 Потоа зеде леб, заблагодари и го раскрши и им го раздаде, велејќи: „Ова е Моето тело, кое се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!”
20 А исто така, ја зеде и чашата - по вечерата - и рече: „Оваа чаша е Новиот Завет во Мојата крв, која се пролева за вас.
21 Но, ете, раката на оној, кој Ме предава е со Мене, на трпезава.
22 Зашто Човечкиот Син оди, како што е определено, но горко му на оној човек, кој ќе Го предаде!”
23 И почнаа да се прашуваат помеѓу себе: кој ли ќе е од нив оној, кој ќе го направи тоа.
24 А настана и препирка меѓу нив за тоа кој е од нив поголем.
25 А Тој им рече: „Царевите на народите владеат над нив, а оние, кои управуваат над нив се викаат добротвори.
26 А вие, немојте така! Но, поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, а старешината како служителот.
27 Зашто, кој е поголем - оној, кој прилегнал покрај трпезата или оној, кој слугува? Зар не е оној, кој прилегнал покрај трпезата? А Јас Сум меѓу вас како служител.
28 Вие сте оние, кои истрајувате со Мене во Моите искушенија.
29 И Јас ви го определувам Царството, како што Мојот Татко Ми го определи Мене,
30 за да јадете и да пиете на Мојата трпеза, во Моето Царство, и да седите на престоли и да им судите на дванаесетте Израелеви племиња.”
31 ”И рече Господ: Симоне, Симоне, ете, сатаната побара да ве просее како пченица,
32 но Јас се молев за тебе, за да не се намали твојата вера. А ти, кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа!”
33 А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и во темница и во смрт.”
34 А Тој рече: „Ти велам, Петре, денес не ќе пропее петел, додека трипати не се одречеш дека Ме познаваш!”
35 Уште им рече: „Кога ве пратив без ќесе и без торба и обувки, дали ви недостасуваше нешто?” А тие рекоа: „Ништо!”
36 И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека го земе; исто така и торба; а кој нема нека ја продаде својата наметка и нека си купи меч;
37 зашто ви велам, дека треба да се изврши на Мене што е напишано: „И Го вброија меѓу злочинци!” Имено, она што е пишано за Мене - се исполнува.”
38 А тие Му рекоа: „Господи, еве тука има два меча!” А Тој им рече: „Доста е!”
39 И излезе и отиде, според обичајот, на Маслиновата Гора; а учениците одеа по Него.
40 И кога дојде на местото, им рече: „Молете се, за да не паднете во искушение.”
41 И Тој се оддели од нив, колку што може да се фрли камен, и клекна на колена и се молеше,
42 велејќи: „Татко! Ако сакаш, отстрани ја оваа чаша од Мене! Но нека не биде Мојата, туку Твојата волја!”
43 И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.
44 И кога се најде во борба, се молеше уште поусрдно; а потта Му стана како капки крв, што паѓаа на земјата.
45 И кога стана од молитвата, дојде при учениците и ги најде заспани од тага;
46 и им рече: „Зошто спиете! Станете и молете се, за да не паднете во искушение!”
47 Додека уште зборуваше, ете, едно множество, пред кого одеше еден од Дванаесетмината, кој се викаше Јуда, и Му се приближи на Исуса да Го целива.
48 Но Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Човечкиот Син!”
49 А кога оние, кои беа со Него, видоа што ќе стане, рекоа: „Господи, да удриме ли со меч?”
50 И еден од нив, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.
51 А Исус одговори и рече: „Оставете Го тоа!” И се допре до увото и го излечи.
52 Тогаш Исус им рече на оние, кои се кренаа против Него - на свештеничките главатари, на началниците на Храмот и на старешините: „Излеговте како на разбојник со мечеви и стапови!
53 Кога бев, секој ден со вас во Храмот, не кренавте рака на Мене. Но, ова е ваш час и власт на темнината!”
54 А кога Го фатија, Го одведоа и Го воведоа во домот на првосвештеникот. Петар одеше по Него оддалеку.
55 Кога пак запалија оган среде дворот и седнаа наоколу, и Петар седеше меѓу нив.
56 И кога една слугинка го виде како седи до огнот, се загледа во него и рече: „И овој беше со Него!”
57 Но тој одрече, велејќи: „Жено, не Го познавам!”
58 И малку потоа, го виде некој друг и рече: „И ти си од нив!” А Петар рече: „Човеку, не сум!”
59 И кога помина околу еден час време, еден друг потврдуваше: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!”
60 А Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!” И веднаш - додека уште зборуваше - петел запеа.
61 Тогаш Господ се заврти и го погледна Петра; и Петар се сети на Господовите зборови, што му ги рече: „Пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене!”
62 И Петар штом излезе надвор заплака горко.
63 А мажите, кои го држеа Исуса, Му се потсмеваа и Го биеја;
64 па, кога Го покрија, Го удираа по образите и Го прашуваа: „Проречи кој Те удри?”
65 И многу други хули рекоа против Него.
66 А кога се раздени, се собраа народните старешини, свештеничките главатари и книжниците, и Го воведоа во Синедрионот
67 и Му рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!” А Тој им рече: „Ако ви кажам, нема да поверувате.
68 Ако ве прашам, нема да одговорите.
69 Но отсега Човечкиот Син ќе седи оддесно на Божјата Сила.”
70 Тие сите рекоа: „Значи, Ти си Божји Син?” Тој пак им рече: „Вие велите дека Сум Јас.”
71 А тие рекоа: „Зошто ни е потребно уште сведоштво. Самите чувме од Неговата уста.”