Лука 12 MKB

1 Во меѓувреме се собра едно многуилјадно множество, така што се газеа еден со друг; почна да им зборува првин на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерие!

2 Нема ништо сокриено, што не ќе се открие; ниту тајно, што не ќе се узнае!

3 Затоа, тоа што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во собите, ќе биде разгласено од покривите.

4 А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да направат!

5 Но ќе ве предупредам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој - по убивањето - има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, бојте се од Него!

6 Зар не се продаваат две врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено пред Бога.

7 А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не бојте се! Вие вредите повеќе од многу врапчиња.

8 И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Човечкиот Син ќе го признае пред Божјите ангели;

9 а кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе биде одречен пред Божјите ангели.

10 На секој, што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости.

11 И кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата, не грижете се како и со што ќе се браните или што ќе кажете,

12 зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете!

13 Тогаш некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на брата ми да го подели наследството со мене!”

14 А Тој му рече: „Човеку - кој Ме поставил Мене судија или делител над вас?”

15 И им рече: „Внимавајте и чувајте се од секое користољубие, зашто животот на човекот не се состои во изобилството на неговиот имот!”

16 И им кажа и парабола, велејќи: „Нивата на еден богат човек роди многу плод.

17 И размислуваше во себеси вака: ‘Што да правам, зашто немам каде да ги соберам своите плодови?’

18 И рече: ‘Вака ќе направам - ќе ги разурнам своите житници и ќе изградам поголеми, и таму ќе ги соберам сето свое жито и сите свои добра.

19 Тогаш ќе и речам на својата душа - душо, имаш многу блага, натрупани за многу години; почивај, јади, пиј и уживај!’

20 Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќеска ќе ти се побара твојата душа! Чие ќе биде тоа, што си го приготвил?’

21 Така бидува со оној, кој собира благо за себеси, а не се богати во Бога.”

22 Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете;

23 зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката.

24 Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците!

25 А кој од вас може - грижејќи се - да му додаде еден лакот на својот раст?

26 И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто се грижите за другото?

27 Погледнете како растат лилјаните? Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја раскош, не се облече како еден од нив.

28 Ако Бог така ја облекува тревата во полето, што денес ја има, а утре ја фрлаат во печка; колку повеќе вас, маловерни?

29 И така, не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се вознемирувајте со грижи!

30 Сето тоа го бараат народите на светот, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно.

31 Туку барајте го Неговото Царство, а тоа ќе ви се придаде!

32 Не бој се мало стадо, зашто вашиот Татко благоволи да ви го даде Царството.

33 Продајте го својот имот и дајте го како милостина! Направете си торби, што не изветвуваат: неисцрпно сокровиште на небесата, каде крадец не се приближува, ниту молец изедува,

34 зашто каде е вашето сокровиште, таму ќе биде и вашето срце.”

35 Нека ви биде препашан крстот, а светилките запалени!

36 А вие бидете слични на луѓе, кои го чекаат својот господар, кога се враќа од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука.

37 Блажени се оние слуги, кои господарот ќе ги најде будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, дека ќе се препаше, ќе ги прилегне до трпезата и ќе дојде да им служи.

38 И ако дојде во втората или третата стража и ги најде така, блазе им ним.

39 Но, знајте го ова: кога домаќинот би знаел во кој час ќе дојде крадецот, не би дозволил да му ја поткопа куќата.

40 Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, во кој не мислите!”

41 А тогаш Петар рече: „Господи, нам ли ни ја кажуваш оваа приказна или на сите?”

42 А Господ рече: „Имено, кој е оној верен и разумен домоуправител, кого господарот ќе го постави над своите слуги, за да им дава храна на време?

43 Блажен е оној слуга, кога господарот - кога дојде - ќе го најде да работи така!

44 Вистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот.

45 Но ако оној слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар нема да дојде скоро,’ па почне да ги бие момчињата и момичињата, да јаде, да пие и да се пијани;

46 господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога не го очекува, и во час, што не го знае, и ќе го расече и ќе ја одреди неговата судбина со неверните.

47 А оној слуга, кој ја знаел волјата на својот господар, и не приготвил и не постапил според неговата волја, ќе биде многу биен.

48 А оној, кој не знаел, а направил нешто што заслужува биење, ќе биде малку биен. Од секој - кому му е дадено многу - ќе се бара многу; и кому му е поверено многу, од него ќе се бара повеќе.”

49 ”Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал веќе да е запален!

50 Но треба да се крстам со крштавање, и колку ми е тешко додека не се изврши.

51 Мислите ли дека дојдов да и донесам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздор,

52 зашто отсега петмина, во една куќа, ќе бидат разделени: тројца против двајца, двајца против тројца;

53 ќе се разделат: таткото против синот, и синот против таткото; мајката против ќерката, и ќерката против мајката; свекрвата против својата снаа, и снаата против свекрвата.”

54 А на народот му рече: „Кога гледате дека се дига облак од запад веднаш велите: ‘Доаѓа дожд’ - и така бива.

55 И кога гледате дека дува јужниот ветер, велите: ‘Ќе биде жега’- и бива.

56 Лицемери! Умеете да го протолкувате лицето на небото и земјата; како тогаш не го препознавате ова време?

57 А зошто сами од себе не судите што е право?

58 Зашто, кога одиш со својот противник кај главатарот, погрижи се уште патем да се ослободиш од него, за да не те предаде пред судијата, а судијата да те предаде на судскиот служител, а служителот да те фрли во темница.

59 Ти велам, нема да излезеш оттаму, додека не ја дадеш и последната лепта.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24