1 И кога влезе во Ерихон, минуваше низ градот.
2 И ете, некој човек, по име Закхеј, кој беше началник на цариниците и богат,
3 сакаше да Го види Исуса, Кој е, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст.
4 И истрча напред, се качи на дива смоква за да Го види, зашто требаше да мине покрај неа.
5 И кога Исус дојде на тоа место, погледна нагоре и му рече: „Закхеј, слези бргу, денес треба да бидам во твојот дом!”
6 И слезе веднаш и Го прими на гости со радост.
7 А сите, кои го видоа тоа, почнаа да негодуваат и да зборуваат: „Дојде во куќа на грешен човек, да почине!”
8 Закхеј стана и Му рече на Господа: „Еве, Господи, половината од својот имот ќе ја дадам на сиромасите; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, ќе вратам четворно.”
9 А Исус му рече: „Денес му дојде спасението на овој дом, зашто и тој е Авраамов син.
10 Зашто Човечкиот Син дојде да го бара и да го спаси изгубеното.”
11 И кога тие го слушаа тоа, им кажа една парабола, зашто беа близу до Ерусалим, а тие мислеа дека Божјото Царство ќе се појави веднаш.
12 И рече: „Некој благородник замина во далечна земја, за да прими царство за себе и да се врати.
13 Откако ги повика своите десет слуги, им даде десет сребреници и им рече: „Тргувајте додека се вратам!”
14 Но неговите граѓани го мразеа и испратија по него пратеници да кажат: „Нејќеме тој да царува над нас.”
15 А кога се врати, по примањето на царството - заповеда да му ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види кој колку спечалил.
16 Така, првиот дојде и рече: ‘Господару, твојот сребреник донесе десет сребреници.’
17 И му рече: ‘Убаво, добар слуго, зашто беше верен во нешто сосем мало, имај власт над десет градови.’
18 Дојде и друг и рече: ‘Господару, еве го твојот сребреник, донесе пет сребреници.’
19 Му рече и на овој: ‘И ти биди над пет градови!’
20 Дојде и друг и рече: ‘Господару, еве го твојот сребреник, што го чував во крпче,
21 зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш што не си оставил и жнееш што не си посеал!’
22 Му рече: ‘Зол слуго, ќе ти судам според твоите зборови. Знаеше дека сум строг човек, дека земам што не сум оставил и дека жнеам што не сум посеал;
23 зашто тогаш не ги вложи моите сребреници при трговците, и јас по доаѓањето ќе ги примев со добивка?’
24 А на оние, кои беа присутни им рече: ‘Одземете му го сребреникот и дајте му го на оној, кој има десет!’
25 Тогаш му рекоа: ‘Господаре, тој има десет!’
26 Ви велам, дека ќе му се даде на секој, кој има; а на оној, кој нема ќе му се одземе и она што има.
27 А оние мои непријатели, кои не сакаа да царувам над нив, доведете ги тука и исечете ги пред мене!”
28 А кога го рече тоа, тргна натаму, одејќи горе во Ерусалим.
29 И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Маслинова, испрати два ученика
30 и им рече: „Одете во селоно, што е спроти вас! И кога ќе влезете во него, ќе најдете врзано осле, на кое никој од луѓето никогаш не седнал; и одврзете го и доведете го.
31 И ако некој ве праша: ‘Зошто го одврзавте?’ - речете му вака: ‘На Господа Му е потребно.’
32 А испратените отидоа и најдоа како што им рече;
33 и кога го одврзуваа ослето, неговите стопани им рекоа: „Зошто го одврзувате ослето?”
34 А тие рекоа: „На Господа Му е потребно!”
35 И го доведоа пред Исуса и ги ставија врз ослето своите облеки, и Го кренаа Исуса.
36 А кога одеше, ги постилаа своите облеки по патот.
37 И кога веќе наближуваше до стрмнината на Маслиновата Гора, целото множество ученици почна радосно и гласно да Го прославува Бога, за сите чудеса што ги видоа,
38 велејќи: „Благословен е Царот, Кој доаѓа во Господово име! Мир на небото и слава на висините!”
39 А некои од фарисеите, меѓу народот, Му рекоа: „Учителе, забрани им на Твоите ученици!”
40 Тој одговори: „Ви велам, ако овие замолчат, камењата ќе викаат.”
41 А кога се приближи и го виде градот, заплака за него и
42 рече: „Кога и ти би узнал, дури барем во овој твој ден, што е за твојот мир! Но сега е сокриено од твоите очи.
43 Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со опкопи, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни.
44 И ќе те срамнат со земјата тебе, и твоите деца во тебе; и не ќе остане, во тебе, ни камен на камен, зашто не го позна времето кога беше посетен!”
45 И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува продавачите,
46 велејќи им: „Напишано е: ‘Мојот Дом да биде Дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.’
47 И поучуваше секој ден во Храмот. А свештеничките главатари, книжниците и народните првенци гледаа да Го погубат.
48 Но не најдоа што да сторат, зашто сиот народ Го слушаше неотстапно.