1 Сите цариници и грешници се приближуваа при Него, за да Го слушаат.
2 А фарисеите и книжниците пак негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.”
3 Тогаш им ја кажа оваа парабола:
4 ”Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе отиде по загубената, додека не ја најде.
5 А кога ќе ја најде, ќе ја крене, радувајќи се, на своите рамена
6 и кога ќе дојде дома ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!’
7 Ви велам: така ќе биде на небото, поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење.”
8 ”Или која жена, ако има десет драхми и изгуби една драхма, нема да запали светилка, и не ја мете куќата, и не ја бара внимателно, додека не ја најде?
9 А кога ќе ја најде, ќе ги повика пријателките и сосетките и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата, што ја изгубив!’
10 Така, ви велам, се радуваат Божјите ангели, заради еден грешник, кој се кае.”
11 И рече: „Некој човек имаше два сина.
12 И помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!’ И тој им го раздели имотот.
13 А по неколку дена помладиот син собра сè свое и отиде во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно.
14 Кога потроши сè, настана голема глад во онаа земја, и тој се најде во скудност.
15 И отиде и се прилепи при еден човек на онаа земја, тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите.
16 И сакаше да го наполни својот желудник со лушпи, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17 А кога дојде на себеси, рече: ‘Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилство, а јас умирам од глад тука!
18 Ќе станам и ќе отидам при татка си, и ќе му речам: ‘Татко, згрешив против небото и пред тебе;
19 не сум веќе достоен да се наречувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!’
20 И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го виде и му се сожали, па се растрча, и му се фрли на вратот и го целиваше.
21 А синот му рече: ‘Татко, зрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син!’
22 Но таткото им рече на своите слуги: ‘Бргу, донесете ја најубавата облека, и облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете.
23 Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме,
24 зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше изгубен - и се најде.’ И почнаа да се веселат.
25 А неговиот постар син беше во полето. Кога пак доаѓаше и и се приближи на куќата, чу песна и играње;
26 па повика еден од слугите и го праша што е тоа.
27 А тој му рече: ‘Брат ти си дојде и твојот татко го закла згоеното теле, зашто го прими здрав.’
28 Тој се налути и не сакаше да влезе; а неговиот татко излезе и почна да го моли.
29 А тој му одговори на татка си: ‘Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив ниедна твоја заповед, а ти никогаш не ми даде ни јаре, за да се повеселам со своите пријатели.
30 А кога дојде овој твој син, кој го растури твојот имот со блудници, му закла згоено теле!’
31 Тој пак му рече: ‘Чедо, ти си секогаш со мене, и сè што е мое - е твое;
32 но требаше да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе; беше изгубен и се најде.’”