Лука 18 MKB

1 А им кажа парабола како треба секогаш да се молат и да не се обесхрабруваат.

2 И рече: „Во еден град беше некој судија, кој не се боеше од Бога, и не се грижеше за луѓето.

3 А во истиот град имаше и една вдовица, која доаѓаше при него и му се молеше: ‘Заштити ме од мојот противник!’

4 Тој нејќеше некое време; после си рече во себеси: ‘Иако не се бојам од Бога, ниту се грижам за луѓето;

5 ќе и го дадам правото на оваа вдовица, зашто ми додева, за на крај да не дојде и да ме нападне.’”

6 И Господ рече: „Чујте, што зборува неправедниот судија!”

7 Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, кои викаат кон Него, дење и ноќе, имајќи трпение со нив?

8 Ви велам, ќе ги одбрани скоро. Но, кога ќе дојде Човечкиот Син, ќе најде ли вера на земјата?”

9 А на некои, кои беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:

10 ”Два човека влегоа во Храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник.

11 Фарисејот застана и се молеше во себеси вака: ‘Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе - разбојници, неправедници, прељубници, или како овој цариник;

12 постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што придобивам.’

13 А цариникот стоеше далеку и не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше по градите и велеше: ‘Боже, биди милостив спрема мене грешникот!’

14 Ви велам, овој се врати дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен; а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.”

15 Му донесуваа и мали деца, за да ги допре; а кога учениците го видоа тоа, им забрануваа.

16 Но Исус ги повика и рече: „Оставете ги дечињата да доаѓаат при Мене и не пречете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство!

17 Вистина ви велам, кој не го прими Божјото Царство како дете, тој никако нема да влезе во него.”

18 И еден началник го праша, велејќи: „Учителе добар, што треба да направам за да наследам вечен живот?”

19 А Исус му рече: „Зошто Ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог.

20 Ги знаеш заповедите: „Не прељубодејствувај! Не убивај! Не кради! Не сведочи лажно! Почитувај ги татка си и мајка си!”

21 Тој пак рече: „Сето тоа го запазив од мојата младост!”

22 А кога Исус го чу тоа, му рече: „Уште едно не ти достига: продај сè што имаш, и раздај го на бедните и ќе имаш сокровиште на небесата! Тогаш, дојди и следи Ме!”

23 Кога го чу тоа се нажали мошне, зашто беше многу богат.

24 А кога Исус го виде таков, рече: „Колку тешко ќе влезат во Божјото Царство, оние, кои имаат богатство.

25 Полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богат да влезе во Божјото Царство.”

26 А оние, кои чуја, рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?”

27 Тој пак рече: „Што им е невозможно на луѓето, тоа е можно на Бога.”

28 А Петар рече: „Ете, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе!”

29 Тој им рече: „Вистина ви велам, нема никој што заради Божјото Царство оставил: куќа или жена или браќа, или родители или деца,

30 а кој не ќе прими многу повеќе во ова време, а во идниот век - вечен живот.”

31 И кога ги зеде со Себе Дванаесетте им рече: „Еве, одиме горе во Ерусалим; и ќе се исполни сè што пишувале пророците за Човечкиот Син,

32 зашто ќе биде предаден на многубошците, и ќе Му се потсмеваат, и ќе биде измачуван и плукан;

33 и кога ќе Го бичуваат, ќе Го убијат, но ќе воскресне на третиот ден.”

34 Но тие не разбраа ништо од тоа, зашто тој збор беше сокриен од нив и не разбраа, што им беше речено.

35 А кога се приближи до Ерихон, некој слепец седеше покрај патот и просеше.

36 А кога чу дека поминува народ, праша што е тоа?

37 И му рекоа дека минува Исус Назареецот,

38 и тој извика, велејќи: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!”

39 А оние, кои одеа напред, го прекоруваа за да молчи. Но тој викаше уште повеќе: „Исусе, Давидов Сине, смилувај ми се!”

40 И Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога се приближи го праша:

41 ”Што сакаш да ти сторам?” А тој рече: „Господи - да прогледам!”

42 Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те спаси.”

43 И тој прогледа веднаш и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сите луѓе, кои го видоа тоа, Му воздадоа слава на Бога.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24