Лука 24 MKB

1 А во првиот ден на седмицата, многу рано, жените дојдоа на гробот, носејќи ги мирисите, што ги приготвија.

2 И го најдоа каменот одвален од гробот.

3 И кога влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса.

4 И додека стоеја збунети заради тоа, ете, пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки.

5 Бидејќи беа уплашени ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?

6 Тој не е тука! Воскресна! Спомнете си како ви зборуваше, додека уште беше во Галилеја;

7 говорејќи: ‘дека Човечкиот Син треба да биде предаден во рацете на грешниците и да биде распнат и да воскресне на третиот ден!’

8 И си ги спомнаа Неговите зборови.

9 И кога се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на Единаесетмината и на сите други.

10 А тие беа: Марија Магдалена, и Јоана, и Марија Јакововата мајка, и други жени со нив; им го кажаа тоа на апостолите.

11 А ним овие зборови им изгледаа како празна шега, и не им веруваа.

12 А Петар стана и отрча до гробот се наведна и ги виде само ленените завои, и отиде назад, чудејќи се за она што се случило.

13 И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа во едно село, наречено Емаус, оддалечено шеесет стадии од Ерусалим,

14 и разговараа меѓу себе за сите овие настани.

15 И додека тие разговараа и се запрашуваа, Сам Исус им се приближи и одеше со нив.

16 Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат.

17 И им рече: „Какви се тие зборови што ги водите патем меѓу себе и зошто сте нажалени?”

18 И едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Дали си Ти единствениот странец во Ерусалим, Кој не знаеш, што се случило во него овие дни?”

19 И им рече: „Што?” А тие Му рекоа: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк силен на дело и во словото, пред Бога и пред целиот народ:

20 како нашите свештенички главатари и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа,

21 А ние се надевавме дека е Тој Оној, Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова.

22 А нè збунија и некои жени од нашите, кои биле многу рано на гробот,

23 и не го нашле Неговото тело; дојдоа и кажаа дека виделе и појава на ангели, кои им рекле дека Тој е жив.

24 Некои од нашите отидоа до гробот и најдоа како што рекоа жените, но Него не Го виделе.”

25 И Тој им рече: „О неразумни и спори во срце, за да верувате во сè што рекле пророците!

26 Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?”

27 И кога почна од Мојсеја и од сите пророци, им протолкува што е пишано за Него во целото Писмо.

28 И кога се приближија до селото, во кое одеа, Тој се направи како да сака да оди натаму.

29 Но, тие Го задржуваа, велејќи: „Остани со нас, зашто вечерта е близу, а денот веќе превали!” И влезе да остане со нив.

30 И додека беше прилегнат со нив покрај трпезата, зеде леб, благослови, го раскрши и им го даде.

31 Тогаш им се отворија очите и Го препознаа; но Тој стана невидлив за нив.

32 И си рекоа еден на друг: „Не гореше ли срцето во нас, кога ни зборуваше патем и ни ги толкуваше Писмата?”

33 И во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим, каде ги најдоа собрани Единаесетмината, и тие кои беа со нив,

34 кои зборуваа: „Господ навистина воскресна; му се јавил на Симона!”

35 А тие пак раскажаа што се случило патем и како Го препознаа при раскршувањето на лебот.

36 И додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана меѓу нив и им рече: „Мир вам!”

37 А тие збунети и уплашени мислеа дека гледаат дух.

38 А Тој им рече: „Зошто сте збунети? И зошто се јавуваат сомненија во вашите срца?

39 Погледајте ги Моите раце и Моите нозе - Јас Сум Истиот! Допрете Ме и видете, зашто духот нема месо и коски, а како што гледате Јас имам.”

40 И кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете.

41 А бидејќи тие од радост уште не веруваа, туку се чудеа, им рече: „Имате ли тука нешто за јадење?”

42 И Му дадоа парче печена риба и мед со саќе.

43 Тој го зеде и јадеше пред нив.

44 И им рече: „Тоа се зборовите што ви ги зборував додека уште бев со вас, дека треба да се исполни сè што е напишано за Мене во Мојсеевиот Закон, во Пророците и во Псалмите.”

45 Тогаш им го отвори умот, за да ги разберат Писмата,

46 и им рече: „Така е напишано дека Христос треба да пострада и да воскресне од мртвите во третиот ден,

47 и да биде проповедано во Негово име покајание и прошка на гревовите на сите народи - почнувајќи од Ерусалим.

48 Вие сте сведоци на тоа;

49 а еве, Јас ќе го испратам на вас ветувањето на Мојот Татко; а вие останете во градот, додека не се облечете во сила одозгора!”

50 И ги изведе до Витанија; ги подигна Своите раце и ги благослови.

51 И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небо.

52 А тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост.

53 И беа постојано во Храмот фалејќи Го и благословувајќи Го Бога. Амин!

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24