Лука 20 MKB

1 И еден ден, кога го поучуваше народот во Храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија свештеничките главатари и книжниците, со старешините,

2 и Му рекоа: „Кажи ни со каква власт го правиш тоа? Или, Кој е тој, што Ти ја даде таа власт?”

3 А Тој во одговор им рече: „И Јас ќе ви поставам едно прашање и кажете ми:

4 Јовановото крштавање од небото ли беше, или од луѓето?”

5 А тие размислуваа меѓу себе, велејќи: „Ако речеме: ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто тогаш не му верувавте?’

6 Ако речеме - ‘од луѓето’ - сиот народ ќе не убие со камења, зашто е уверен дека Јован е пророк.”

7 И одговорија дека не знаат од каде е.

8 А Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам ова.”

9 И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: „Некој човек насади лозје, и го даде под наем на земјоделци, и си отиде на подолго време.

10 А кога дојде време, испрати свој слуга при земјоделците, за да му дадат од плодовите на лозјето. Земјоделците го натепаа и го испратија назад празен.

11 И пак испрати друг слуга, а тие го натепаа и него, го засрамија и го испратија празен.

12 Испрати и трет, а тие и него го ранија и го исфрлија.

13 Тогаш господарот на лозјето рече: „Што да правам? Ќе го испратам својот возљубен син. Можеби од него ќе се засрамат.

14 А кога земјоделците го видоа, почнаа да размислуваат меѓу себе: „Овој е наследникот! Да го убиеме, за да биде наследството наше!”

15 И го исфрлија надвор од лозјето и го убија. И така, што ќе им направи господарот на лозјето?

16 Ќе дојде и ќе ги погуби земјоделците, а лозјето ќе им го даде на други.” А кога тие го чуја тоа, рекоа: „Да не биде!”

17 А Тој ги погледна и рече: „Тогаш, што значи ова што е напишано: „Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот?

18 Секој, кој ќе падне врз овој камен, ќе се разбие, а врз кого ќе падне тој, ќе го сотре.”

19 И во истиот час книжниците и свештеничките главатари гледаа да стават рака врз Него, но се плашеа од народот. Имено разбраа дека за нив ја раскажа оваа парабола.

20 И набљудувајќи Го Му испратија луѓе, кои се правеа праведни, за да Го фатат во некој збор и да им го предадат на началството и на власта на управителот.

21 И Го прашаа, велејќи: „Учителе, знаеме дека право зборуваш и учиш; и не гледаш кој е кој, туку според вистината поучуваш по Божјиот пат.

22 Дали е дозволено да даваме данок на ќесарот или не?”

23 Тој пак го разбра нивното лукавство и рече:

24 ”Покажете ми денариј! Чиј образ и натпис има?” Тие рекоа: „Ќесарев!”

25 А Тој им рече: „Тогаш, дајте му го ќесаровото на ќесара, а Божјото на Бога!”

26 И не можеа да Го фатат во збор пред народот; и замолкнаа зачудени од Неговиот одговор.

27 Тогаш се приближија некои од садукеите, кои тврдат дека нема воскресение, и Го прашаа, велејќи:

28 ”Учителе, Мојсеј ни напиша: „Ако некому му умре оженет брат, а е без деца, брат му нека ја земе жената и му подигне потомство на брата си.”

29 Беа седуммина браќа. Првиот се ожени и умре без деца;

30 и вториот,

31 и третиот ја зеде, и така сите седуммина. И умреа и не оставија деца.

32 Најпосле умре и жената.

33 И така: при воскресението, кому од нив ќе му припадне жената како жена, зашто сите седуммина ја имале за жена?”

34 А Исус им одговори: „Децата на овој век се женат и мажат,

35 а кои ќе се удостојат да го добијат оној век и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат.

36 Тие не ќе можат веќе ни да умрат, зашто се како ангелите; и Божји синови се, зашто се синови на воскресението.

37 А дека мртвите стануваат, тоа и Мојсеј го кажа на местото при капината, каде Го нарече Господа: „Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.”

38 А Бог не е на мртвите, туку на живите; зашто во Него сите се живи.”

39 А некои од книжниците во одговор рекоа: „Учителе, добро рече!”

40 И не се осмелија веќе да Го прашаат за нешто.

41 Тогаш им рече: „Како велат дека Христос е Давидов Син?

42 Зашто самиот Давид вели во свитокот на псалмите: „Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седи оддесно Мене,

43 додека ги положам Твоите непријатели, за подножје на Твоите нозе!’

44 И така, Давид Го наречува Господ; како Му е тогаш Син?”

45 И додека целиот народ Го слушаше, Тој им рече на Своите ученици:

46 ”Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки, на кои им се мили: поздравите на јавни места; првите места во синагогите и челните места на гозбите!

47 Кои ги изедуваат домовите на вдовиците, и лажно се молат долго. Тие ќе добијат поголема пресуда!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24