1 А кога ги сврши сите Свои зборови, во ушите на народот, влезе во Капернаум.
2 А слугата на еден стотник - кого тој го почитуваше - беше болен на умирање.
3 И кога чу за Исуса, испрати при Него јудејски старешини, за да Го замолат да дојде и да му го излекува слугата.
4 А кога стигнаа при Исуса, Го молеа усрдно, велејќи: „Заслужува да го направиш тоа за него,
5 зашто го љуби нашиот народ. И синагога ни изгради.”
6 Исус тргна со нив. И кога веќе не беше далеку од куќата, стотникот испрати пријатели да Му речат: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.
7 Затоа и не се сметав достоен да Ти пристапам - туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави!
8 Зашто исто и јас сум човек под власт, и имам потчинети војници; и на едниот му велам: ‘Оди!’ и тој оди; а на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и го прави.”
9 Кога го чу тоа, Исус се зачуди и се заврте кон народот, што врвеше по Него и рече: „Ви велам, толкава вера не најдов ни во Израел.”
10 И кога испратените се вратија дома, го најдоа слугата здрав.
11 Потоа Исус отиде во градот наречен Наин; а со Него одеа Неговите ученици и големо множество.
12 А кога се приближи до градската врата, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка му, која беше вдовица и со неа имаше големо множество од градот.
13 А кога Господ ја виде, се сожали на неа и и рече: „Не плачи!”
14 Тогаш се приближи и го допре носилото - носителите пак застанаа - и рече: „Момче, тебе ти зборувам, стани!”
15 Мртвиот седна и почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му.
16 И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас” и „Бог го посети Својот народ.”
17 И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.
18 Му соопштија на Јована за сè тоа неговите ученици.
19 А Јован повика двајца свои ученици и ги испрати при Господа да Го прашаат: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде или да чекаме друг?”
20 Кога овие мажи дојдоа при Него, рекоа: „Јован Крстител нè прати при Тебе, велејќи: Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да чекаме друг?”
21 Во тој час исцели мнозина од болести, маки и зли духови, и на мнозина слепци им подари вид.
22 Тогаш ним им одговори: „Одете и раскажете му на Јована што видовте и чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат, лепрозните се очистуваат, глувите прослушуваат, мртвите стануваат и на бедните им се проповеда Евангелието;
23 и блажен е оној, кој не ќе се соблазни во Мене!”
24 А кога Јовановите пратеници си отидоа, почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што ветерот ја лулее?
25 Или, што излеговте да видите? Човек облечен во меки облеки? Ете, луѓето, кои носат сјајни облеки и живеат раскошно, се во царските дворци.
26 Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам и повеќе од пророк!
27 Тој е оној, за кого е пишано: „Ете, го праќам Мојот Ангел пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе!”
28 Ви велам: меѓу родените од жени никој пророк не е поголем од Јована; но најмалиот во Божјото Царство е поголем од него.”
29 И сиот народ, кој чу - и цариниците - ја признаа Божјата правда, зашто беа крстени со Јовановото крштавање.
30 А фарисеите и закониците го отфрлија она, што Бог сакаше да направи со нив, и не го примија неговото крштавање.
31 А со кого да ги споредам луѓето од ова поколение? Кому му се слични?
32 Тие се како децата, кои седат по пазариштата и си викаат едни на други: ‘Ви свиревме и не игравте! Ридавме и не плачевте!’
33 Зашто дојде Јован Крстител, ниту јаде леб, ниту пие вино, а велите: „Бес има!”
34 Дојде Човечкиот Син, Кој јаде и пие, а велите: „Ете, изедник и пијаница, пријател на цариниците и грешниците!
35 И ја оправдаа мудроста сите нејзини чеда!”
36 Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него. Тој влезе во фарисеевиот дом и прилегна до трпезата.
37 И ете, една жена од градот, која беше грешница, кога научи дека Тој е прилегнат до трпезата во фарисеевата куќа, донесе со себе алабастрен сад со миро,
38 и застана зад Неговите нозе плачејќи и почна да Му ги мие нозете со солзи, да ги брише со својата коса; и ги целиваше Неговите нозе и ги помазуваше со миро.
39 И кога го виде тоа фарисејот, кој Го повика, рече во себеси: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, која се допира до Него: дека е грешница.”
40 А Исус пак му одговори и рече: „Симоне, имам да ти кажам нешто.” А тој: „Учителе, кажи!”
41 Рече: „Двајца му беа должни на еден заемодавач; едниот му должеше пет стотини динарии, а другиот педесет.
42 А бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на двајцата. И така, кој од нив ќе го возљуби повеќе?”
43 Симон одговори: „Мислам оној кому повеќе му подарил.” А Тој му рече: „ Право пресуди!”
44 И кога се заврте кон жената му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти не ми даде вода за нозе, а таа со солзи ми ги облеа нозете и со својата коса ги истри.
45 Ти не ми даде целив, а таа откако влегов, не прекратува да Ми ги целива нозете.
46 Ти не ми ја помаза главата со масло, а таа Ми ги помаза нозете со миро.
47 Затоа, ти велам, простени и се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку се простува - малку љуби.”
48 А нејзе и рече: „Простени ти се гревовите.”
49 А тие, кои беа заедно покрај трпезата, почнаа да зборуваат во себе: „Кој е Овој, Кој и гревови проштава?”
50 А на жената и рече: „Твојата вера те спаси! Оди си со мир!”