1 И ги повика Дванаесетмината и им даде сила и власт, над сите нечисти духови и да лекуваат болни.
2 И ги испрати да го проповедаат Божјото Царство и да исцелуваат болни.
3 И им рече: „Не земајте ништо за пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребреници! Ниту да имате по две облеки.
4 И во која куќа и да влезете, останете и оттаму тргнувајте.
5 И ако некои не ве примат, излезете од нивниот град, истресете го правот од своите нозе, за сведоштво против нив!”
6 Тогаш отидоа и одеа по селата, проповедувајќи го Евангелието и исцелувајќи насекаде.
7 А четворовласникот Ирод чу за сè што се случува и беше во голема неприлика, зашто некои зборуваа дека Јован воскреснал од мртвите;
8 други дека се појавил Илија; трети пак дека станал еден од старите пророци.
9 Ирод рече: „На Јована јас му ја отсеков главата, но Кој е Овој за Кого слушам такви работи?” И бараше да Го види.
10 А кога се вратија апостолите, Му раскажаа сè што направиле. И ги зеде со Себеси и се повлече насамо, спроти градот наречен Витсаида.
11 Но штом народот разбра за тоа, тргна по Него. И Тој ги прими и им зборуваше за Божјото Царство и ги оздравуваше оние, кои имаа потреба од исцелување.
12 А кога денот почна да превалува, Дванаесетте Му пристапија и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди во околните села и селца, за да најде преноќиште и јадење, зашто сме тука во пусто место!”
13 Тој пак им рече: „Дајте им вие да јадат!” А тие рекоа: „Немаме повеќе од пет леба и две риби; освен ние да отидеме и да купиме храна за сиот овој народ!”
14 Зашто беа околу пет илјади мажи. И им рече на Своите ученици: „Седнете ги во купчиња по педесет!”
15 И така направија и ги седнаа сите.
16 Тој ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото; ги благослови и ги раскрши и им даваше на учениците, за да ги стават пред народот.
17 И сите јадеа и се наситија, и го кренаа тоа што остана од парчињата - дванаесет кошници.
18 И кога еднаш се молеше сам, а учениците беа со Него, ги праша: „Што вели народот, Кој Сум Јас?”
19 Тие пак одговорија: „Едни велат - Јован Крстител, други - Илија, а трети - дека воскреснал некој од старите пророци.”
20 Тогаш им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?” Петар во одговор рече: „Христос Божји!”
21 А Тој строго им заповеда, никому да не го кажуваат тоа;
22 велејќи дека Човечкиот Син треба да пострада многу; да биде отфрлен од старешините, свештеничките главатари и книжниците; да биде убиен и да воскресне на третиот ден.
23 И на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот крст секој ден, и нека Ме следи!
24 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа - ќе ја изгуби; а кој ја изгуби својата душа заради Мене, тој ќе ја спаси.
25 Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се изгуби или се упропасти?
26 Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во Својата слава, и во славата на Таткото и на светите ангели.
27 И вистина ви велам, има некои меѓу овие, што стојат тука, кои нема да ја вкусат смртта, додека не го видат Божјото Царство.”
28 И на околу осум дена по овие зборови, ги зеде со себе Петра, Јована и Јакова и се искачи на гората да се моли.
29 И додека се молеше Неговото лице се измени, а облеката Му стана бела и сјајна.
30 И ете, два човека разговараа со Него; тоа беа Мојсеј и Илија,
31 кои се јавија во слава и говореа за Неговиот излез, што требаше да го заврши во Ерусалим.
32 А сонот ги совлада Петра и неговите другари. А кога се разбудија, ја видоа Неговата слава и двајцата мажи, кои стоеја со Него.
33 И кога тие се разделуваа од Него - Петар Му рече на Исуса: „Учителе, добро е да сме тука; ќе направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј, еден за Илија” - не знаејќи што зборува.
34 И додека тој уште го зборуваше тоа, дојде облак и ги засени и се исплашија, кога влегоа во облакот.
35 А од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот Син, Мојот Избраник! Слушајте Го Него!”
36 Кога гласот екна, Исус се најде Сам. Тие пак молчеа и никому ништо не кажуваа во тие дни, за она што видоа.
37 А на другиот ден, кога слегуваа од гората големо мноштво Го пресретна.
38 И ете, еден човек од народот извика: „Учителе, Те молам, погледни на мојот син, зашто ми е единец!
39 Ете, духот го фаќа и тој вика одеднаш, и го растргува така, што фрла пена и сотрувајќи го, одвај си оди од него.
40 И ги помолив Твоите ученици, за да го истераат, но не можеа.”
41 Исус пак одговори и рече: „О, роде неверен и расипан, до кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го твојот син тука!”
42 И додека му приоѓаше бесот го фрли на земја и почна да го крши; но Исус го прекори на нечистиот дух и го оздрави детето и му го предаде на татко му.
43 И сите се чудеа на Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сè она што направи, Тој им рече на Своите ученици:
44 ”Сложете ги овие зборови во своите уши: „Човечкиот Син ќе биде предаден во човечки раце!”
45 Но тие не го разбраа тој збор, зашто беше сокриен од нив, за да не го разберат, а се плашеа да го прашаат за овој збор.
46 И им дојде мисла - кој од нив ќе биде поголем?
47 А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави покрај Себеси,
48 и им рече: „Кој го прима ова дете, во Мое име - Мене Ме прима. А кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил; зашто, кој е најмал меѓу сите вас, тој е голем.”
49 А Јован проговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој истерува нечисти духови во Твое име, и му забранивме, зашто не оди со нас.”
50 Исус пак му рече: „Не бранете му - зашто, кој не е против вас - за вас е.”
51 А кога дојде време да се вознесе, Тој го насочи Своето лице да патува за Ерусалим;
52 и испрати гласници пред Своето лице. Тие отидоа и дојдоа во едно самарјанско село - да приготват место за Него.
53 Но не Го примија, зашто лицето Му беше кон Ерусалим.
54 Кога го видоа тоа учениците, Јаков и Јован рекоа: „Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?”
55 А Тој се заврте и ги укори, велејќи: „Вие не знаете од каков дух сте;
56 зашто Човечкиот Син не дојде да погубува човечки души, но да ги спаси.” И отидоа во друго село.
57 И додека одеа по патот, еден му рече: „Ќе Те следам каде и да одиш.”
58 Исус пак му рече: „Лисиците имаат легла и небесните птици - гнезда, а Човечкиот Син нема каде да ја потпре главата.”
59 А на друг му рече: „Врви по Мене!” Но тој рече: „Господи, дозволи ми најнапред да одам и да го погребам татка си.”
60 Му рече: „Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци. А ти оди и проповедај го Божјото Царство!”
61 Рече и друг: „Јас ќе Те следам, Господи, но дозволи ми прво да се простам со своите домашни!”
62 Исус пак му рече: „Никој, кој ја ставил својата рака на ралото, а погледнува назад, не е достоен за Божјото Царство.”