Лука 2 MKB

1 А во она време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители.

2 Тоа беше прв попис, кога Квиринеј управуваше во Сирија.

3 И сите одеа за да се запишат, секој во својот град.

4 Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, горе во Јудеја, во Давидовиот Град, кој е наречен Витлеем, зашто беше од Давидовиот дом и семејство,

5 да се запише со Марија, свршената со него жена, која беше бремена.

6 А кога беа таму - и дојде време да роди.

7 И го роди својот Син, првенец, па Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.

8 А во тој ист крај пастири ноќеваа под ведро небо, чувајќи го своето стадо.

9 И одеднаш Господов ангел им пристапи и Господовата слава ги осветли, па се уплашија многу.

10 Ангелот пак им рече: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи:

11 зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ.

12 И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!”

13 И одеднаш со ангелот се најде множество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи:

14 ”Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!”

15 А кога ангелите си отидоа од нив во небото, пастирите си зборуваа еден на друг: „Тогаш, да отидеме до Витлеем и да видиме што се случило таму, за кое ни соопшти Господ!”

16 И брзајќи дојдоа и ги најдоа: Марија и Јосифа, и Детенцето како лежи во јаслите.

17 А штом видоа, кажаа сè што им беше речено за Детенцето.

18 И сите кои чуја, се восхитуваа на она, што пастирите им го рекоа.

19 А Марија ги помнеше сите овие зборови и размислуваше за нив во своето срце.

20 И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сè што чуја и видоа, онака како што им беше речено.

21 И кога навршија осум дена, за Неговото обрезание, Му го дадоа името Исус, како што Го нарече ангелот, пред да биде зачнат во утробата.

22 И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според Мојсеевиот Закон, Го донесоа во Ерусалим, за да Го претстават пред Господа,

23 како што е напишано во Господовиот Закон: „Секое машко, кое се раѓа прво, да Му биде посветено на Господа!”,

24 и да принесат жртва, како што е речено во Господовиот Закон - две грлици или две гулапчиња.

25 И ете, во Ерусалим живееше човек по име Симеон, и тоа човек праведен и благочестив, кој ја чекаше Израелевата утеха; и Светиот Дух беше над него.

26 Нему Светиот Дух му прорече дека нема да види смрт, додека не Го види Христа Господов.

27 И вдахновен од Светиот Дух дојде во Храмот; и кога родителите Го внесоа Детенцето Исус, за да го извршат врз Него обичајот на Законот,

28 Го зеде на своите раце, Го благослови Бога и рече:

29 ”Сега, Господару, отпушти го Својот служител со мир, според Твојот збор,

30 зашто моите очи го видоа Твоето спасение,

31 кое го приготви пред лицето на сите луѓе,

32 светлина за осветлување на народите и слава на Твојот народ Израел.”

33 А Јосиф и мајка Му се чудеа на она, што зборуваше за Него.

34 И Симеон ги благослови и и рече на Неговата мајка Марија: „Гледај! Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел, и знак на кој ќе му се противат,

35 а на самата Тебе мечот ќе ти ја прободе душата - за да се откријат мислите на многу срца.

36 Беше и пророчицата Ана, Фануилова ќерка, од Асировото племе; таа беше во многу напредната возраст; од своето моминство проживеала со мажот седум години,

37 а како вдовица до осумдесет и четвртата година, не го напушташе Храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва ноќе и дење.

38 И во истиот час таа дојде и Го славеше Бога и им зборуваше за Него на сите во Ерусалим, кои го очекуваа спасението.

39 И кога свршија сè според Господовиот Закон - се вратија во Галилеја во својот град Назарет.

40 А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него.

41 И секоја година Неговите родители одеа во Ерусалим на празникот Пасха.

42 Кога му беа пак дванаесет години отидоа, според обичајот во Ерусалим, на празникот.

43 И кога ги поминаа деновите, на враќање дома, Детето Исус остана во Ерусалим, а Неговите родители не знаеја за тоа,

44 туку, мислејќи дека е меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и Го бараа меѓу роднините и познатите.

45 И кога не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат.

46 И по три дни Го најдоа во Храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува.

47 А сите кои Го слушаа им се восхитуваа на Неговиот ум и на одговорите.

48 Кога Го видоа се зачудија и мајка Му Му рече: „Чедо, што ни направи така? Гледај! Татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.”

49 Тој им рече: „Зошто Ме баравте? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Татко?”

50 Но тие не го разбраа зборот што им го рече.

51 И слезе со нив и дојде во Назарет, и им беше послушен. А Неговата мајка ги чуваше сите тие зборови во своето срце.

52 А Исус напредуваше во мудрост, во растењето и во благодатта пред Бога и пред луѓето.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24