1 Во почеток беше Словото, и Словото беше во Бога, и Словото беше Бог.
2 Тоа беше во почетокот во Бога.
3 Сè стана преку Него, и ништо, што стана, не стана без Него.
4 Во Него беше живот и животот им беше светлина на луѓето.
5 И светлината свети во темнина, и темнината не ја опфати.
6 Се јави човек, испратен од Бога, по име Јован.
7 Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.
8 Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината.
9 Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот.
10 Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна.
11 Дојде при Своите, но Неговите не Го примија.
12 А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име:
13 кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога.
14 И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина.
15 Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!”
16 И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат.
17 Зашто, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината.
18 Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот СинБог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.”
19 А ова е Јовановото сведоштво, кога Јудејците од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: „Кој си ти?”
20 И призна и не одрече, та исповеда: „Јас не сум Христос.”
21 И го прашаа: „Тогаш што! Илија ли си?” „Не сум,” одговори. „Да не си пророк?” „Не,” одговори.
22 Тогаш му рекоа: „Кој си? за да можеме да им одговориме на оние, кои нè испратија! Што велиш ти за себеси?”
23 Рече: „Јас сум глас на оној, кој вика во пустината: израмнете го Господовиот пат,” како што рече пророкот Исаија.”
24 Испратените беа фарисеи.
25 Тие го прашаа и му рекоа: „Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни пророк?”
26 ”Јас крштавам со вода им одговори Јован - но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.
27 Тој е Оној Кој доаѓа по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да му го одврзам ременот на Неговите обувки.”
28 Тоа се случи во Витавара, од онаа страна на Јордан, каде што крштаваше Јован.
29 Утреден Јован Го виде Исуса како доаѓа при него и рече: „Еве Го Божјото Јагне, Кое ги зема гревовите на светот!
30 Овој е Оној за Кого ви реков: „По мене доаѓа Човек, Кој постоеше пред мене, зашто беше пред мене.”
31 Јас не Го познавав. Но затоа дојдов да крштавам во вода, за да му Го објавам на Израел.”
32 Јован сведочеше уште: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб, и застана над Него.
33 Јас не Го познавав, но Оној Кој ме испрати да крштавам во вода ми рече: „Врз Кого ќе видиш да слегува Духот и да останува над Него, Тој е Оној, Кој ќе крштава во Светиот Дух.”
34 И јас видов и сведочам дека Тој е Божји Син.”
35 Идниот ден, Јован стоеше пак и двајца од неговите ученици,
36 и штом Го виде Исуса да поминува, рече: „Еве Го Божјото Јагне!”
37 Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика тргнаа по Исуса.
38 Исус се заврти и, кога виде дека идат по Него, ги праша: „Што барате?” Тие Му одговорија: „Рави (што значи учител) каде живееш?”
39 ”Дојдете и видете!” им одговори. И така, отидоа да видат каде живее, и останаа при Него оној ден. Тоа беше околу десеттиот час.
40 Еден од двајцата кои тргнаа по Исуса, откако ги чуја Јовановите зборови, беше Андреј, братот на Симона Петра.
41 Тој го најде првин брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи Христос (Помазаник).”
42 И го доведе при Исуса. А Исус, гледајќи го му рече: „Ти си Симон, синот Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи камен (Петар).”
43 На другиот ден Исус посака да отиде во Галилеја, и го најде Филипа. И му рече: „Дојди по Мене!”
44 Филип беше од Витсаида, од Петровиот и Андреевиот град.
45 Филип го сретна Натанаила и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишува Мојсеј во Законот и Пророците: Исуса, синот Јосифов од Назарет.”
46 ”Може ли да излезе нешто добро од Назарет?”, му рече Натанаил. „Дојди и види”, му одговори Филип.
47 Исус го забележа Натанаила, како Му се приближува, и рече за него: „Еве, вистински Израелец, во кого нема лукавство.”
48 ”Откаде ме познаваш?”, го праша Натанаил. „Уште пред да те повика Филип - му одговори Исус - те видов под смоквата.”
49 ”Рави! - му одговори Натанаил - Ти си Божји Син! Ти си Израелев Цар!”
50 Исус во одговор му рече: „Веруваш, зашто ти реков дека те видов под смоквата! Ќе видиш и повеќе од тоа!”
51 И му рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат над Човечкиот Син.”