Јован 11 MKB

1 Беше и еден болен, Лазар од Витанија, од селото на Марија и сестра и Марта.

2 А Марија - чиј брат Лазар беше болен - беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша Неговите нозе со својата коса.

3 И така, сестрите пратија до Него да Му кажат: „Господи, ете, болен е оној кого го љубиш.”

4 А штом Исус го чу тоа, рече: „Болеста не е смртоносна, туку за Божја слава, за да се прослави Божјиот Син.”

5 А Исус ги љубеше: Марта, и нејзината сестра, и Лазара.

6 И кога чу дека е болен, остана тогаш уште два дена во местото, каде се наоѓаше.

7 Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја.”

8 Учениците Му рекоа: „Рави, Јудејците сега сакаа да Те убијат со камења, а Ти пак одиш онаму?”

9 Исус одговори: „Зар денот нема дванаесет часови? Ако некој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет;

10 а ако некој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него.

11 Тоа им рече, а потоа продолжи: „Нашиот пријател Лазар заспа; туку, одам да го разбудам.”

12 Тогаш учениците Му рекоа: „Господи, ако заспал, ќе оздрави.”

13 Но Исус зборуваше за неговата смрт, а тие мислеа дека зборува за починка во сон.

14 Тогаш Исус им рече јасно: „Лазар умре;

15 и се радувам заради вас, дека не бев таму, - за да поверувате; туку, да отидеме при него.”

16 Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на соучениците: „Да отидеме и ние да умреме со Него!”

17 Исус пак дојде и најде дека е четири дена во гробот.

18 А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;

19 и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за братот.

20 Штом чу Марта дека доаѓа Исус, Му излезе во пресрет; а Марија седеше дома.

21 Тогаш Марта Му рече на Исуса: „Господи, ако беше тука, не ќе умреше брат ми.

22 И сега знам дека Бог ќе Ти даде, што и да помолиш од Бога.”

23 Исус и рече: „Твојот брат ќе воскресне.”

24 Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне, при воскресението, во последниот ден.”

25 Исус и рече: „Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене - и да умре - ќе живее.

26 И секој, кој живее и верува во Мене, нема да умре довека. Веруваш ли во ова?”

27 Му рече: „Да, Господи; јас верувам дека Ти си Христос, Божјиот Син, Кој треба да дојде во светов.”

28 Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија и и рече скришно: „Учителот е тука и те вика!”

29 И таа, штом го чу тоа, стана брзо и отиде при Него;

30 имено, Исус уште не беше дошол во селото, туку беше на местото, каде Го сретна Марта.

31 Јудејците пак, кои беа со неа дома и ја утешуваа, штом видоа дека Марија стана бргу и излезе, тргнаа по неа, мислејќи дека оди на гробот, за да плаче таму.

32 А кога Марија дојде таму, каде што беше Исус и кога Го виде падна пред Неговите нозе и Му рече: „Господи, да беше тука, немаше да умре брат ми.”

33 Кога Исус ја виде како плаче, и како плачат Јудејците, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе

34 и рече: „Каде го положивте?” Му рекоа: „Господи, дојди и види!”

35 Исус просолзи.

36 Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го љубел!”

37 А некои од нив рекоа: „Не можеше ли Овој, Кој му ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?”

38 А Исус пак се растажи силно во Себеси и дојде на гробот; а тоа беше пештера и камен навален на неа.

39 Исус рече: „Поместете го каменот!” Марта, сестрата на покојниот, Му рече: „Господи, веќе смрди, зашто е четири дни во гробот.”

40 Исус и рече: „Не ли ти реков дека ќе ја видиш Божјата слава, ако веруваш?”

41 Тогаш го поместија каменот, а Исус ги подигна очите нагоре и рече: „Татко, Ти благодарам, што Ме послуша.

42 Јас знаев дека секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот, кој стои тука, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.”

43 Откако го рече тоа, викна со силен глас: „Лазаре, излези надвор!”

44 Умрениот излезе, завиткан со повои по рацете и нозете, а лицето му беше забрадено со крпа. Исус им рече: „Одвиткајте го и оставете го да оди!”

45 Тогаш мнозина од Јудејците, кои дојдоа со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него;

46 а некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус.

47 Затоа свештеничките главатари и фарисеите го свикаа Синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Зашто Овој човек прави многу чудеса?

48 Ако Го оставиме така, сите ќе веруваат во Него, и Римјаните ќе дојдат и ќе ни ги одземат и земјата и народот!”

49 А еден од нив, Кајафа, кој беше првосвештеник во таа година, им рече: „Вие не знаете ништо,

50 ниту помислувате, дека е подобро за вас да умре еден човек за народот, а не сиот народ да пропадне.”

51 А ова не го рече сам од себе, туку - како првосвештеник во таа година - прорече, дека Исус ќе умре за народот,

52 и не само за народот, туку и за да ги собере во едно распрснатите Божји деца.

53 Така, по тој ден, се договорија да Го убијат.

54 Затоа Исус веќе не се движеше јавно меѓу Јудејците, туку отиде оттаму во крај близу до пустината, во градот наречен Ефрем, и таму престојуваше со учениците.

55 А наближуваше јудејската Пасха, па мнозина од внатрешноста отидоа горе во Ерусалим, пред Пасхата, за да се очистат.

56 Го бараа Исуса, и стоејќи во Храмот, зборуваа меѓу себе: „Што мислите вие? Нема ли да дојде на празникот?”

57 А главните свештеници и фарисеите веќе беа издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21