1 Во првиот ден на седмицата, многу рано додека уште беше темнина, Марија Магдалена дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен.
2 Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господа од гробот и не знаеме каде Го положиле.”
3 А Петар и другиот ученик излегоа и одеа кон гробот.
4 Имено, и двајцата трчаа заедно; но другиот ученик трчаше побргу од Петра и стигна прв до гробот.
5 Тој се наведна и виде ленени повои, како лежат, но не влезе внатре.
6 По него стигна Симон Петар, па влезе во гробот и ги виде повоите, како лежат;
7 а крпата, што беше на Неговата глава, не беше заедно со повоите, туку беше свиткана одделно, на едно место.
8 Тогаш влезе и другиот ученик - кој стигна прв до гробот - и виде и поверува.
9 Зашто уште не го беа разбрале Писмото, дека Тој треба да воскресне од мртвите.
10 Тогаш учениците пак се вратија дома.
11 А Марија стоеше надвор, при гробот и плачеше; така, додека плачеше, погледна во гробот
12 и виде два ангела, како седат во бели облеки, таму каде лежеше Исусовото тело, едниот кај главата, а другиот при нозете.
13 Тие и рекоа: „Жено, зошто плачеш?” Им рече: „Го дигнале мојот Господ и не знам каде Го положиле?”
14 Откако го рече тоа, се обѕрна и Го виде Исуса, како стои; но не знаеше дека е Исус.
15 Исус и рече: „Жено, зошто плачеш? Кого Го бараш?” Мислејќи дека е градинарот, таа Му рече: „Господине, ако Го изнесе ти, кажи ми каде Го положи, и јас ќе Го земам!”
16 Исус и рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни!”- што значи: „Учителе!”
17 Исус и рече: „Не допирај Ме, зашто уште не отидов горе при Мојот Татко. Туку оди при Моите браќа и речи им: ‘Се враќам при Мојот Татко и вашиот Татко, при Мојот Бог и вашиот Бог.’
18 Марија Магдалена дојде и им јави на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа и рекол.
19 А вечерта, на истиот прв ден на седмицата, додека вратата, каде беа собрани учениците, беше затворена поради страв од Јудејците, Исус дојде, застана насреде и им рече: „Мир вам!”
20 Откако го рече тоа им ги покажа рацете и ребрата. И учениците се зарадуваа, кога Го видоа Господа.
21 Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!”
22 Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух!
23 На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се!”
24 А Тома, наречен Близнак, еден од Дванаесетте, не беше со нив, кога дојде Исус.
25 Затоа другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!” А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака во Неговите ребра, нема да поверувам.”
26 А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана на средина и им рече: „Мир вам!”
27 Потоа му рече на Тома: „Испружи го твојот прст ваму и види ги Моите раце; и испружи ја твојата рака, и стави ја во Моите ребра; и не биди неверен - туку верен!”
28 Тома одговори и Му рече: „Мој Господ и мој Бог!”
29 Исус му рече: „Поверува, зашто Ме виде. Блажени се кои не виделе, а поверувале.”
30 И многу други чуда направи Исус пред учениците, кои не се запишани во книгава;
31 а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син, и верувајќи да имате живот во Негово име.