1 „Ова ви го кажав, за да не се соблазните.
2 Ќе ве истеруваат од синагогите; а ќе дојде час, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека Му служи на Бога.
3 А тоа ќе го прават затоа што не Го запознаа Мојот Татко, ниту Мене.
4 А Јас ви го кажав ова, за да се сетите, кога ќе дојде времето, дека ви го реков тоа. Ова не ви го реков од почеток, зашто бев со вас.”
5 ”А сега одам при Оној, Кој Ме пратил, и никој од вас не Ме праша: ‘Каде одиш?’
6 Туку, вашето срце се наполни со тага, зашто ви го кажав тоа.
7 Сепак, Јас ви ја кажувам вистината: подобро е за вас, Јас да си отидам; зашто ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го испратам.
8 А кога ќе дојде Тој, ќе го увери светот за грев и за правда и за суд.
9 За грев - зашто не веруваат во Мене;
10 за правда - зашто си одам при Мојот Татко, и веќе нема да Ме видите;
11 за суд - зашто е осуден кнезот на овој свет.
12 Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите.
13 А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува Сам од Себе, а ќе зборува она што слуша, и ќе ви навести за нештата што ќе дојдат.
14 Тој ќе Ме прослави Мене, зашто ќе земе од Моето и ќе ви јави.
15 Сè што има Таткото - Мое е; затоа реков дека ќе земе од Моето и ќе ви јави.”
16 Уште малку и веќе не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите.
17 А некои од Неговите ученици си рекоа еден на друг: „Што е тоа, што ни вели: ‘Уште малку, и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’ и ‘Си одам при Мојот Татко?’
18 И си зборуваа: „Што е тоа ‘малку’ за кое зборува? Не знаеме што зборува!”
19 Исус разбра дека сакаат да го прашаат и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе за она што ви реков: ‘Уште малку и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’
20 Вистина, вистина ви велам: вие ќе плачете и ќе ридате, а светот ќе се радува; и вие ќе бидете жалосни но вашата жалост ќе стане радост.
21 Жената е жалосна, кога раѓа, зашто дошол нејзиниот час; но штом ќе го роди детето, не си спомнува веќе за маката - од радоста дека се родил човек на светот.
22 Така и вие сега сте нажалени; но пак ќе ве видам, па ќе се зарадува вашето срце, и таа ваша радост никој не ќе може да ви ја одземе.
23 Во оној ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да молите од Мојот Татко, во Мое име, ќе ви даде.
24 Досега ништо не баравте во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде вашата радост полна.”
25 Ова ви го зборував во слики; доаѓа час кога нема да ви зборувам веќе во слики, туку ќе ви зборувам отворено за Таткото.
26 Во тој ден ќе барате во Мое име; и не ви велам дека Јас ќе Го молам Мојот Татко за вас;
27 зашто Самиот Татко ве љуби, зашто вие Ме љубевте Мене и верувавте дека Јас Сум излегол од Бога.
28 Излегов од Таткото и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Таткото.”
29 Неговите ученици рекоа: „Еве, сега зборуваш отворено, и не зборуваш во слики.
30 Сега знаеме дека знаеш сè и нема потреба некој да Те прашува; затоа веруваме дека си излегол од Бога.”
31 Исус им одговори: „Сега ли верувате?
32 Еве, иде часот, и веќе дојде, за да се разбегате секој на своја страна и да Ме оставите Мене Сам; но сепак не Сум Сам, зашто Татко Ми е со Мене.
33 Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Имате неволја во светот; но бидете храбри - Јас го победив светот.”