Јован 14 MKB

1 „Да не се вознемирува вашето срце; вие верувате во Бога, верувајте и во Мене!

2 Во Домот на Мојот Татко има многу живеалишта; ако не беше така, Јас ќе ви кажев, зашто одам да ви приготвам место.

3 И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас.

4 А знаете каде одам Јас, и патот го знаете.”

5 Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш! Како можеме да го знаеме патот?”

6 Исус му рече: „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене.

7 Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Татко. А отсега Го познавате и сте Го виделе!”

8 Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Таткото, и доста ние.”

9 Исус му рече: „Толку време Сум со вас и не Ме позна, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел и Таткото; тогаш како велиш ти: ‘Покажи ни Го Таткото!’

10 Не веруваш ли дека Јас Сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, не ги зборувам од Себе; Таткото, Кој е во Мене, Тој ги прави делата.

11 Верувајте Ми дека Јас Сум во Таткото и Таткото во Мене; ако пак не - верувајте заради самите дела.

12 Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги правам Јас, ќе ги прави и тој. Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам при Мојот Татко.

13 И што и да побарате во Мое име, ќе направам, за да се прослави Таткото во Синот.

14 Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.”

15 ”Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди.

16 И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека:

17 Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде во вас.

18 Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас.

19 Уште малку, и светот веќе нема да Ме гледа, а вие ќе Ме видите; зашто Јас живеам и вие ќе живеете.

20 Во оној ден ќе сознаете дека Јас Сум во Мојот Татко, и вие во Мене и Јас во вас.

21 Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, него ќе го љуби Мојот Татко, и Јас ќе го љубам, и ќе му се јавам Сам.”

22 Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа: дека ќе ни се јавиш нам, а не на светот?”

23 Исус во одговор му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го држи Моето Слово, и Мојот Татко ќе го љуби: при него ќе дојдеме и при него ќе се настаниме.

24 Кој не Ме љуби, не ги држи Моите зборови; а Словото што го слушате, не е Мое, туку е од Мојот Татко, Кој Ме испрати.”

25 ”Ова ви го зборував, додека бев при вас;

26 а Утешителот, Светиот Дух, Кого Татко Ми ќе Го испрати во Мое име, ќе ве научи сè и ќе ве потсети на сè што ви реков.

27 Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои.

28 Чувте дека ви реков: Одам и ќе ви дојдам. Ако Ме љубите, ќе се зарадувате дека одам при Мојот Татко, зашто Таткото е поголем од Мене.

29 И ви реков сега, пред да се збидне, за да поверувате кога ќе се збидне.

30 Не ќе зборувам уште многу со вас, зашто доаѓа кнезот на овој свет; тој нема ништо во Мене;

31 но, за да сознае светот дека Јас Го љубам Таткото и дека правам, како што Ми заповеда Мојот Татко! Станете! Да си одиме оттука!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21