1 Потоа Исус одеше по Галилеја; бидејќи не сакаше да оди по Јудеја, зашто Јудејците Го бараа да Го убијат.
2 А наближуваше јудејскиот празник на Сениците.
3 Тогаш Неговите браќа Му рекоа: „Замини оттука и оди во Јудеја, та и Твоите ученици да ги видат делата, што ги вршиш;
4 зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат. Штом ги вршиш тие дела, јави му се на светот.”
5 Зашто ни Неговите браќа не веруваа во Него.
6 Затоа Исус им рече: „Моето време уште не дошло, а вашето време секогаш е подготвено.
7 Светот не може да ве мрази вас; а Мене Ме мрази, зашто сведочам за него дека неговите дела се зли.
8 Вие отидете горе на празникот; Јас не одам на празников, зашто Моето време уште не се исполнило.”
9 Тоа им го рече и остана во Галилеја.
10 А кога Неговите браќа отидоа на празникот, тогаш отиде и Самиот, не јавно, туку тајно.
11 Но Јудејците Го бараа на празникот и зборуваа: „Каде е Оној?”
12 И многу се зборуваше за Него во народот; едни зборуваа: „Добар е!” а други велеа: „Не, туку го заблудува народот.”
13 Меѓутоа, никој не зборуваше слободно за Него, заради стравот од Јудејците.
14 А кога празникот веќе се преполови, Исус отиде во Храмот и поучуваше.
15 Затоа Јудејците се чудеа и велеа: „Како ги познава Овој Писмата - кога не учел?”
16 Тогаш Исус им одговори и рече: „Мојата наука не е Моја, туку на Оној Кој Ме пратил.
17 Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е наукава од Бога, или зборувам Сам од Себе.
18 Кој говори сам од себе - ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној Кој Го пратил - Тој е вистински; во Него нема неправда.
19 Зар Мојсеј не ви даде Закон? Но, никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?”
20 Народот одговори: „Бес е во Тебе; кој сака да Те убие?”
21 Исус во одговор им рече: „Направив едно дело и сите се чудите.
22 Затоа Мојсеј ви го даде обрезанието - не како тоа да е од Мојсеја, туку од татковците, па вие во сабота обрезувате човек.
23 Ако човек се обрезува во сабота - за да не се наруши Мојсеевиот Закон - зошто се лутите на Мене дека исцелив цел човек во сабота?
24 Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!”
25 Тогаш некои од ерусалимците рекоа: „Не е ли Овој Човекот, Кого Го бараат да Го убијат?
26 А ете, зборува слободно и ништо не Му велат. Да не се увериле старешините, дека Тој е навистина Христос?
27 Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.”
28 Исус пак, поучувајќи во Храмот, извика и рече: „И Мене Ме познавате, а знаете и од каде Сум; не дојдов Сам од Себе, туку е вистински Оној, Кој Ме пратил, Кого вие не Го познавате.
29 Јас Го знам, зашто Сум од Него и Тој Ме прати.”
30 Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто уште не беше дошол Неговиот час.
31 А мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, дали ќе направи повеќе чуда, отколку што направи Овој?”
32 Фарисеите чуја дека народот зборува така за Него, па првосвештениците и фарисеите испратија служители да Го фатат.
33 Тогаш Исус рече: „Уште малку време Сум со вас, потоа заминувам кај Оној, Кој Ме пратил.
34 Ќе Ме барате и нема да Ме најдете, и каде Сум Јас, вие не можете да дојдете.”
35 Тогаш Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој, па да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците?
36 Што значи зборот, што го рече: ‘Ќе Ме барате и нема да Ме најдете;’ и: ‘каде Сум Јас, вие не можете да дојдете?’
37 А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие.
38 Кој верува во Мене - како што е кажано во Писмото - „од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.”
39 Тоа го рече пак за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; зашто Духот уште не беше слезен, зашто Исус уште не беше прославен.
40 А некои од народот, кои ги чуја тие зборови, рекоа: „Овој е навистина Пророкот.
41 Други велеа: „Овој е Христос.” Трети пак прашуваа: „Зар Христос ќе дојде од Галилеја?
42 Зар Писмото не рече дека Христос ќе дојде од Давидовото семе, и од гратчето Витлеем, каде беше Давид?”
43 Така настана раздор во народот заради Него.
44 А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.
45 Кога слугите дојдоа при првосвештениците и фарисеите, тие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?”
46 Служителите одговорија: „Никој никогаш не зборувал така, како што говори Овој Човек.”
47 А фарисеите им одговорија: „Зар сте и вие заблудени?
48 Дали некој од првенците или од фарисеите поверувал во Него?
49 Туку, проклет е овој народ, што не го знае Законот.”
50 Никодим, кој порано отиде при Исуса, а кој беше од нив, им рече:
51 ”Осудува ли нашиот Закон некого, ако најнапред не го сослуша и не разбере што прави?”
52 Тие во одговор му рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк не доаѓа од Галилеја.”
53 И секој си отиде во својот дом.