Јован 13 MKB

1 Пред празникот Пасха, Исус - знаејќи дека Му дојде часот за да премине од овој свет кон Таткото - љубејќи ги Своите во светов, ги возљуби до крај.

2 За време на вечерата - кога ѓаволот веќе стави мисла во срцето на Јуда Симонов, Искариотски, за да Го предаде -

3 Исус, знаејки дека Таткото Му предаде сè во рацете, дека излезе од Бога и дека оди при Бога

4 стана од вечерата, ја соблече горната облека, зеде крпа и се препаша.

5 Потоа налеа вода во садот за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која беше препашан.

6 Така дојде до Симона Петра; а овој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?”

7 Исус одговори и Му рече: „Ти сега не знаеш што правам Јас, но после ќе разбереш.”

8 Петар Му рече: „Ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!” Исус му одговори: „Ако не те измијам, немаш дел со Мене.”

9 Симон Петар Му рече: „Господи, измиј ми ги не само нозете, туку и рацете и главата.”

10 Исус му рече: „На измиениот треба да му се измијат само нозете, зашто е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите.”

11 Зашто знаеше кој ќе Го предаде, затоа и рече: „Не сите сте чисти!”

12 А кога им ги изми нозете, ја зеде својата горна облека и пак седна на трпезата и им рече: „Разбравте ли, што ви сторив?

13 Вие Ме викате Мене Учител и Господ, и право велите, зашто тоа Сум.

14 И така, ако Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да ги миете нозете еден на друг;

15 зашто ви дадов пример и вие да правите онака, како што ви направив Јас.

16 Вистина, вистина ви велам: слугата не е поголем од својот господар, ниту пратеникот е поголем од оној, кој го пратил.

17 Кога го знаете ова, блажени сте - ако го исполнувате тоа.

18 Не зборувам за сите вас; Јас знам кои ги избрав; туку треба да се исполни Писмото: ‘Кој го јаде Мојот леб, ја подига својата петица против Мене.’

19 Отсега ви зборувам, пред да се збидне, за да поверувате - кога ќе се случи - дека Сум Јас.

20 Вистина, вистина ви велам: кој го прима оној, кого Јас го праќам, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил Мене.”

21 Штом го рече тоа, Исус се возбуди во духот, па посведочи и рече: „Вистина, вистина ви велам: дека еден од вас ќе Ме предаде.”

22 Тогаш учениците се погледнаа еден со друг со двоумење за кого зборува.

23 А еден од Неговите ученици, кого Исус го љубеше, беше прилегнал на Исусовите гради;

24 тогаш Симон Петар му даде знак и му рече: „Кажи, за кого зборува!”

25 Така, тој се потпре на Исусовите гради и му рече: „Господи, кој е?”

26 Исус одговори: „Тоа е оној, кому ќе му натопам залак, и ќе му го подадам.” И го натопи залакот, го зеде и му го даде на Јуда Симонов Искариот.

27 И откако го зеде залакот, сатаната влезе во него. Исус пак му рече: „Што правиш, прави побргу!”

28 Но никој од оние, што седеа покрај трпезата, не разбра, зошто му го рече тоа.

29 Но, бидејќи кај Јуда беше благајната, некои помислија дека Исус му рече: „Купи што ни е потребно за празникот!” или да раздаде нешто на сиромасите.

30 Штом го зеде залакот, Јуда излезе веднаш, а беше ноќ.

31 А кога излезе, Исус рече: „Сега се прослави Човечкиот Син, и Бог се прослави во Него.

32 Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави.

33 Дечиња, уште малку сум со вас; ќе Ме барате, и како што им реков на Јудејците: каде одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви го велам тоа сега.

34 Ви давам нова заповед: да се љубите еден со друг; како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг.

35 По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици - ако имате љубов помеѓу себе!”

36 Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?” Исус му одговори: „Каде одам Јас, ти сега не можеш да тргнеш по Мене, но подоцна ќе Ме следиш.”

37 Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да дојдам по Тебе сега? Својот живот ќе го дадам за Тебе.”

38 Исус одговори: „Својот живот ли ќе го дадеш за Мене? Вистина, вистина ти велам, петел нема да пропее, додека трипати не се одречеш од Мене.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21