1 Потоа беше јудејски празник и Исус се искачи во Ерусалим.
2 А во Ерусалим, при Овчата Врата, има бања со пет тремови, на еврејски наречена Витезда.
3 Во нив лежеа мнозина болни; слепи, хроми и суви, (кои чекаа да се раздвижи водата.
4 Зашто, ангел, одвреме на време, слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата, а кој прв ќе влезеше - откако ќе се разбрануваше водата - оздравуваше од каква и да било болест да страдаше.)
5 Таму имаше еден човек, кој лежеше болен триесет и осум години.
6 Кога Исус го виде како лежи и кога узна дека веќе долго боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?”
7 Болниот Му одговори: „Господине, немам човек да ме спушти во бањата, кога ќе се разбранува водата; а додека дојдам јас, друг слегува пред мене.”
8 Исус му рече: „Стани, подигни ја својата постела и оди!”
9 И човекот оздраве веднаш, ја зеде својата постела и почна да оди. А тој ден беше сабота.
10 Затоа Јудејците му рекоа на оздравениот човек: „Сабота е и не смееш да ја носиш постелата.”
11 Но тој им одговори: „Оној, Кој ме излечи ми рече: „Подигни ја својата постела и оди!”
12 Тогаш го прашаа: „Кој е човекот кој ти рече: „Подигни ја својата постела и оди?”
13 А исцелениот не знаеше Кој е, зашто Исус се отстрани, бидејќи имаше многу народ на тоа место.
14 Потоа Исус го најде во Храмот и му рече: „Ете, оздраве, не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.”
15 Човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус го излекува.
16 И затоа Јудејците Го гонеа Исуса, и сакаа да Го убијат, дека тоа го направи во сабота.
17 А Исус им одговори: „Мојот Татко работи постојано, па и Јас работам.”
18 Затоа Јудејците Го бараа уште повеќе да Го убијат, не само дека ја нарушуваше саботата, туку дека и Бога Го наречуваше Свој Татко, изедначувајќи се со Бога.
19 А Исус пак во одговор им рече: „Вистина, вистина ви велам, Синот не може ништо да прави Сам од Себе, ако не види што прави Таткото; зашто она што го прави Таткото истото го прави и Синот.
20 Зашто Таткото Го љуби Својот Син и Му покажува сè што прави Сам и ќе Му покаже дела уште поголеми од овие, за да се чудите.
21 Зашто, како што Таткото воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние, кои што сака.
22 Таткото не суди никого, туку целиот суд Му го даде на Синот,
23 за сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Таткото. Кој не Го почитува Синот - не Го почитува ни Таткото, Кој Го пратил.
24 Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Моето слово и верува во Оној, Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот.
25 Вистина, вистина ви велам дека доаѓа час - и веќе е тука - кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и кои ќе го чујат, ќе живеат.
26 Зашто како што Таткото има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе.
27 Му ја даде и власта да суди, зашто е Човечки Син.
28 Не чудете се на тоа, зашто доаѓа час во кој сите, кои се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас
29 и ќе излезат од нив, кои правеле добро, ќе воскреснат за живот; а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.
30 Јас ништо не можам да правам Сам од Себе; како што слушам, така судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме прати.
31 Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да биде вистинско.
32 Има Друг Кој сведочи за Мене и знам дека е вистинско сведоштвото што го дава за Мене.
33 Вие пративте при Јована, и тој посведочи за вистината;
34 но јас не примам сведоштво од човек, туку го кажувам ова, за да се спасите вие.
35 Тој беше светило, што гореше и светеше, но вие сакавте да се радувате малку време на неговата светлина.
36 Јас пак имам сведоштво поголемо од Јовановото: делата што Таткото Ми ги даде да ги завршам, токму тие дела, што ги правам, сведочат за Мене - дека Таткото Ме пратил.
37 И Таткото, Кој Ме прати, Самиот сведочи за Мене. Вие ни го чувте некогаш Неговиот глас, ниту го видовте Неговото лице,
38 и Неговите зборови ги немате постојано во вас, зашто не Му верувате на Оној, Кого Тој Го пратил.
39 Вие ги проучувате Писмата, зашто мислите дека имате вечен живот во нив; и тие сведочат за Мене.
40 Но вие не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот.
41 Слава не примам од луѓе,
42 но знам дека вие немате во себеси Божјата љубов.
43 Јас дојдов во името на Мојот Татко, и не Ме примате. Ако дојде друг во свое име, него ќе го примите.
44 Како можете да верувате, кога примате слава еден од друг, а не ја барате славата, што доаѓа од Единиот Бог?
45 Не мислете дека Јас ќе ве обвинам пред Таткото; има кој ве обвинува - Мојсеј, на кого се надевате.
46 Зашто, ако му верувавте на Мојсеја, ќе Ми верувавте и Мене; зашто тој пишуваше за Мене.
47 Но ако не им верувате на неговите Писма, како ќе им верувате на Моите зборови?”