Марко 7 MKB

1 И се собраа околу Него фарисеите и некои од книжниците, кои беа дошле од Ерусалим,

2 и видоа дека некои од неговите ученици јадат леб со нечисти, односно неизмиени, раце.

3 Зашто фарисеите и сите Јудејци - држејќи се до преданијата на старите - не јадат, ако не ги измијат рацете до лактите;

4 и кога ќе се вратат од пазар, не јадат, ако не се измијат. И има уште многу друго, што го примиле да го одржуваат: миење на чаши, врчви, бакарни садови и столови.

5 И така, фарисеите и книжниците Го прашаа; „Зошто Твоите ученици не живеат според преданијата на старите, туку јадат леб со неизмиени раце?”

6 А Тој им рече: „Добро пророкуваше Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‘Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене;

7 напразно Ме почитуваат, учејќи науки, што се човечки повелби.’

8 Вие ја оставате Божјата заповед, а го држите човечкото предание.

9 Вие добро ја укинувате - продолжи Тој - Божјата заповед, за да го држите вашето предание!”

10 Имено, Мојсеј рече: ‘Почитувај ги татка си и мајка си!’ и ‘Кој ќе го проколне татка си и мајка си, да биде казнет со смрт!’

11 А вие велите: ‘Ако некој рече на татка си или на мајка си: Она што можам да ти помогнам е ветено, односно жртвен дар,’

12 не го оставате веќе да направи што и да е за својот татко и за својата мајка.

13 И така го укинувате Божјото слово со своето предание, што вие го воспоставивте, и правите многу други работи слични на ова.”

14 Тогаш повторно го повика народот при Себе и му рече: „Слушајте ме сите и разберете!

15 Нема ништо, вон човекот, што би можело да го направи нечист кога ќе влезе во него; туку она што излегува од човекот, тоа го прави нечист.

16 Кој има уши, нека слуша!”

17 Веднаш, кога се оддалечи од народот, Тој влезе во една куќа, Неговите ученици Го прашаа за смислата на параболата.

18 Тој им рече: „Така! Зар и вие не разбирате? Не сфаќате ли дека ништо не може да го направи човекот нечист, што влегува однадвор во него,

19 зашто не влегува во неговото срце, туку во стомакот и оди на одредено место?” Така ги прогласи сите јадења за чисти.

20 Исто така им велеше: „Она што излегува од човекот, тоа го прави нечист,

21 зашто од внатрешноста, од човечкото срце, излегуваат: лоши мисли, разни видови блуд, убиства,

22 кражби, лакомства, лукавства, пакости, разузданост, око лукаво, богохулство, гордост, безумство.

23 Сите тие зла излегуваат од внатре и го прават нечист човекот.”

24 Се крена оттаму и отиде во Тирскиот и Сидонскиот Крај. Влезе во една куќа и сакаше никој да не го дознае. А не можеше да остане скриен.

25 Кога чу за него една жена, чија ќерка беше опфатена од нечист дух; таа дојде и падна пред Неговите нозе.

26 А таа жена беше Елинка, родум Сирофеничанка. И Го молеше да го истера бесот од ќерка и.

27 А Тој и рече: „Остави прво да се наситат децата, зашто не е добро да им се земе лебот на дечињата и да се фрли на кученцата.”

28 Таа пак одговори: „Да, Господи! но и кученцата под трпезата јадат од трошките на децата.”

29 И и рече: „Заради тој збор - оди си - бесот излезе од ќерка ти.”

30 И се врати дома и го најде детето, како лежи на постелата, а бесот излезен.

31 И кога излезе пак од пределите на Тир, дојде - преку Сидон - до Галилејското Море, среде пределите на Десеттоградието.

32 И Му доведоа глувонем и Го молеа да положи рака на него.

33 И го одведе насамо од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши, и плукна и го допре неговиот јазик;

34 погледна кон небото, воздивна и му рече: „Ефата!” - односно: „Отвори се!”

35 И веднаш му се отворија ушите и му се разврза врската на неговиот јазик, и зборуваше чисто.

36 И им порача никому да не кажуваат. Но колку повеќе им наредуваше Тој, толку повеќе тие разгласуваа.

37 И прекумерно се чудеа и велеа: „Сè добро прави! И глувите ги прави да слушаат, и немите да зборуваат!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16