1 И дојдоа на другата страна на морето, во Гадаринскиот крај.
2 И кога излезе од коработ, веднаш му дојде во пресрет - од гробовите - човек со нечист дух.
3 Тој живееше во гробовите; никој не можеше веќе ни со окови да го врзе,
4 зашто многупати го ставаа во окови и вериги, но тој ги кинеше веригите и ги кршеше оковите, и никој не можеше да го скроти.
5 И постојано, ноќе и дење, беше во гробовите и по ридовите, викајќи и удирајќи се самиот со камења.
6 И кога Го виде Исуса оддалеку, дотрча, падна ничкум пред Него,
7 и извика со силен глас: „Што имаш Ти со мене, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те заколнувам во Бога, на мачи ме!”
8 Зашто му рече: „Излези од човеков, нечисти душе!”
9 И го праша: „Како ти е името?” И Му рече: „Името ми е Легион, зашто сме мнозина.”
10 И го молеа многу да не ги истера од тој крај.
11 А таму, по ридот, пасеше големо стадо свињи.
12 И Го замолија сите демони, велејќи; „Прати нè во свињине, да влеземе во нив.”
13 И тукутака им дозволи и нечистите духови излегоа, и влегоа во свињите, и стадото - околу две илјади - се спушти по стрмнината во морето, и се удавија во морето.
14 А оние, кои ги пасеа, побегнаа и разгласија во градот и по селата, и дојдоа да видат што станало.
15 И кога дојдоа при Исуса и го видоа бесниот - во кого беше Легионот - како седи облечен и умен, се уплашија.
16 А оние, кои беа виделе, им раскажаа што се случи со бесниот и со свињите.
17 И почнаа да Го молат да си отиде од нивниот крај.
18 А кога влегуваше во коработ, оној кој беше фатен од бесовите, Му се молеше да биде со Него.
19 Но не му одобри, туку му рече: „Оди дома при своите, и раскажи им што ти направи Господ и како ти се смилува!”
20 И отиде и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус; и сите се восхитуваа.
21 И кога Исус пак премина со кораб на другата страна, многу народ се собра при Него, а Тој беше покрај морето.
22 И дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир и кога Го виде, падна пред Неговите нозе.
23 И Го молеше многу, велејќи: „Мојата ќерка е на умирање, дојди и положи ги рацете над неа - за да биде спасена и да живее!”
24 И отиде со него. И многу народ одеше по Него и Го притискаше.
25 И една жена, која страдаше од крвотечение дванаесет години,
26 и претрпела многу од мнозина лекари и си го потрошила целиот свој имот, а од тоа немаше никаква полза, туку и стана уште полошо;
27 откако чу за Исуса, дојде меѓу народот, одназад, и се допре до Неговата облека,
28 зашто си велеше: „Ако се допрам само и до Неговата облека, ќе се спасам!”
29 И веднаш и прекрати крвотечението и таа почувствува во телото дека е излекувана од болеста.
30 А Исус почувствува веднаш во Себе, дека сила излезе од Него, се сврте среде народот и рече: „Кој се допре до Мојата облека?”
31 Неговите ученици пак рекоа: „Гледаш дека народ Те притиска и велиш: ‘Кој се допре до Мене?’”
32 И Тој гледаше наоколу, за да види, кој го направи тоа.
33 А жената, уплашена и растреперена - зашто знаеше што стана со неа - дојде и падна пред Него и Му ја кажа сета вистина.
34 А Тој и рече: „Ќерко, твојата вера те спаси! Оди си со мир и биди здрава од својата болест!”
35 Додека уште зборуваше, дојдоа од домот на началникот на синагогата и му рекоа: „Ќерка ти умре! Зошто Го измачуваш уште Учителот!”
36 А Исус, кога го чу зборот, што го рекоа, му рече на началникот на синагогата: „Не бој се! Само верувај!”
37 И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Јована, братот Јаковов.
38 И дојдоа во куќата на началникот; и виде врева, дека плачеа и пиштеа многу,
39 и кога влезе им рече: „Зошто викате и плачете? Детето не е умрено, туку спие!”
40 И Му се потсмеваа. А Тој ги истера сите надвор, ги зеде: таткото на детето, и мајката и оние кои беа со Него, и влезе таму каде што беше детето.
41 И кога го фати детето за рака му рече: „Талита кум!”- што значи: „Девојче, Јас ти велам стани!”
42 И девојчето стана веднаш и одеше, зашто имаше дванаесет години. И веднаш се зачудија многу.
43 И им заповеда строго никој да не дознае за тоа, и рече да и дадат да јаде.