Марко 11 MKB

1 И кога се приближија до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, при Маслиновата Гора, Исус испрати двајца Свои ученици

2 и им рече: „Одете во селоно што е пред вас и штом ќе влезете ќе најдете врзано осле, на кое уште никој од луѓето не седел. Одврзете го и доведете го!

3 И ако ви рече некој: ‘Зошто го правите тоа?’ - речете: ‘Му треба на Господа’, и тој веднаш ќе го прати тука.”

4 И отидоа и го најдоа ослето врзано до вратата, надвор покрај патот, и го одврзаа.

5 А некои од оние, кои стоеја таму им рекоа: „Што правите? Зошто го одврзувате ослето?”

6 А тие им одговорија како што им рече Исус, и тие ги оставија.

7 И го доведоа, при Исуса, ослето, и ги ставија своите облеки врз него, и седна на него.

8 И мнозина ги постилаа своите облеки по патот, а други - гранчиња, што ги сечеа по нивите.

9 А тие кои одеа пред Него и по Него викаа: „Осана! Благословен, Кој доаѓа во Господово име!

10 Благословено царството на нашиот татко Давид, што доаѓа во името Господово! Осана во висините!”

11 И влезе во Ерусалим, во Храмот, и штом разгледа сè - бидејќи веќе беше доцна - излезе со Дванаесетмината во Витанија.

12 А утреден, кога излегоа од Витанија, Тој огладне.

13 И оддалеку виде една смоква, што имаше лисја; дојде не би ли нашол нешто на неа; а кога дојде не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше време за смокви.

14 Тогаш проговори и и рече: „Отсега никој довека да не јаде плод од тебе!” А Неговите ученици слушаа.

15 И дојдоа во Ерусалим. И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува сите, кои купуваа и продаваа во Храмот. И им ги преврте масите на менувачите на сребрениците, и столиците на продавачите на гулаби.

16 И не дозволуваше некој да пренесе каков и да било сад низ Храмот.

17 И ги поучуваше, велејќи им: „Не е ли напишано: ‘Мојот Дом ќе се нарече Дом на молитва за сите народи,’ а вие направивте од него разбојничка пештера!”

18 А главните свештеници и книжниците го чуја тоа, и бараа како да Го погубат, зашто се боеја од Него; имено сиот народ беше восхитен од Неговата наука.

19 А навечер излегуваше од градот.

20 А наутро кога поминуваа, ја видоа смоквата исушена од корен.

21 А Петар се сети и Му рече: „Учителе, погледај! Се исушила смоквата, што ја проколна!”

22 Исус одговори и им рече:

23 ”Имајте вера во Бога! Вистина ви велам, ако некој и рече на оваа гора: ‘Дигни се и фрли се во морето,’ а не се посомнева во своето срце, туку верува дека ќе биде она што го рече, тоа и ќе биде.

24 Затоа ви велам: сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека го примивте, и ќе ви биде.

25 И кога стоите на молитва, проштавајте ако имате нешто против некого, за да ви ги прости и вашиот Татко, Кој е на небесата, вашите гревови.

26 Ако пак вие не проштавате, и вашиот Татко, Кој е на небесата, нема да ви ги прости вашите гревови.”

27 И дојдоа пак во Ерусалим, и кога одеше низ Храмот, дојдоа при Него главните свештеници, книжниците и старешините,

28 и Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа и Кој Ти ја даде таа власт да го правиш тоа?”

29 А Исус им рече: „Ќе ве прашам еден збор и одговорете Ми, и ќе ви кажам со каква власт го правам ова.

30 Јовановото крштавање од небото ли беше или од луѓето? Одговорете Ми!”

31 А тие размислуваа меѓу себе: „ Ако кажеме од небото, ќе ни рече: ‘Зошто тогаш не му поверувавте?’

32 Но, ако речеме од луѓето?’ Се боеја од народот, зашто сите сметаа дека Јован беше навистина пророк.

33 Му одговорија на Исуса и рекоа: „Не знаеме!” А Исус им рече: „Ни Јас не ви кажувам, со каква власт го правам ова.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16