1 И кога излегуваше од Храмот, еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе! Гледај - какви камења и каква зграда!”
2 А Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат.
3 И кога седеше на Маслиновата Гора, спроти Храмот, Петар и Јаков и Јован и Андреј Го прашаа насамо:
4 ”Кажи ни кога ќе биде тоа, и каков е знакот, кога сè тоа ќе се исполни?”
5 А Исус почна да им зборува: „Пазете се, некој да не ве измами!
6 Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас Сум’ - и ќе измамат мнозина.
7 Кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто тоа треба да биде, но уште не е свршеток;
8 зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство; ќе има земјотреси по разни места; ќе има глад. Тоа е почеток на страдањата.”
9 ”Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бијат по синагогите; и пред управниците и царевите ќе стоите заради Мене, ним за сведоштво.
10 Најнапред треба да им биде проповедано Евангелието на сите народи.
11 А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа: зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух.
12 И брат брата ќе предаде на смрт, и татко - чедо. И децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.
13 И сите ќе ве мразат заради Мене, а кој претрпи до крај, тој ќе се спаси.
14 А кога ќе видите дека ‘мерзоста на запустението’ како што рече пророкот Даниел, да стои, каде што не треба - кој чита, нека разбере! - тогаш оние, кои се во Јудеја, нека бегаат по горите!
15 Кој е на покривот, нека не слегува и нека не влегува да земе нешто од својата куќа;
16 а кој е во полето, нека не се враќа да ја земе својата наметка.
17 Тешко им на трудните жени и на доилките во тие дни!
18 Молете се, тоа да не биде зиме!
19 Зашто во тие дни ќе има неволја каква немало од почетокот на Божјото создавање, па досега, и нема да биде.
20 И ако Господ не ги скрати тие дни, не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра, ги скрати дните.
21 И ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, тука е Христос! Ене, таму!’ не верувајте;
22 зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат знаци и чуда, за да ги измамат избраните, ако е можно.
23 А вие внимавајте! Ете, ви кажав сè однапред!”
24 ”Во тие дни - после тие неволји - сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,
25 ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се расклатат.
26 И тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облаците, со голема сила и слава.
27 И тогаш, Тој ќе ги испрати Своите ангели и ќе ги собере своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.”
28 А од смоквата научете ја приказната: кога нејзината гранка омекне и разлиста, знаете дека летото е близу.
29 Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека е близу - пред врата.
30 Вистина ви велам, ова поколение нема да помине, додека сè ова не се збидне.
31 Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.
32 А за оној ден и час, никој не знае: ни ангелите на небото, ниту Синот, а само Таткото.”
33 ”Внимавајте, бдејте! Зашто не знаете, кога ќе биде времето!
34 Како човек, кој - тргнувајќи на пат - ја остави својата куќа и ги овласти своите слуги, секому му ја одреди неговата работа, а на вратарот му нареди да бдее.
35 И така: бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на куќата: навечер ли, или на полноќ, или кога петлите ќе пропеат, или наутро,
36 за да не дојде одненадеж и да ве најде заспани.
37 А што ви зборувам вам, на сите им зборувам: бдејте!”