Марко 11:12-18 MKB

12 А утреден, кога излегоа од Витанија, Тој огладне.

13 И оддалеку виде една смоква, што имаше лисја; дојде не би ли нашол нешто на неа; а кога дојде не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше време за смокви.

14 Тогаш проговори и и рече: „Отсега никој довека да не јаде плод од тебе!” А Неговите ученици слушаа.

15 И дојдоа во Ерусалим. И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува сите, кои купуваа и продаваа во Храмот. И им ги преврте масите на менувачите на сребрениците, и столиците на продавачите на гулаби.

16 И не дозволуваше некој да пренесе каков и да било сад низ Храмот.

17 И ги поучуваше, велејќи им: „Не е ли напишано: ‘Мојот Дом ќе се нарече Дом на молитва за сите народи,’ а вие направивте од него разбојничка пештера!”

18 А главните свештеници и книжниците го чуја тоа, и бараа како да Го погубат, зашто се боеја од Него; имено сиот народ беше восхитен од Неговата наука.