12 А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасха, Неговите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?”
13 И испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во град и ќе ве сретне човек, кој носи вода во врчва. Одете по него
14 и каде ќе влезе, речете му на домаќинот: „Учителот праша: „Каде е Мојата соба, каде ќе ја јадам Пасхата со Моите ученици?”
15 И тој ќе ви покаже голема соба - горница, послана, приготвена; згответе ни таму!”
16 И Неговите ученици излегоа и отидоа во градот, и најдоа како што Тој им рече, па ја приготвија Пасхата.
17 А кога се свечери, дојде со Дванаесетмината.
18 И кога беа прилегнати покрај трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам, еден од вас - кој јаде со Мене - ќе Ме предаде.”