Марко 2:12-18 MKB

12 И стана, веднаш ја подигна постелата, и излезе пред сите, така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Такво нешто уште никогаш не видовме!”

13 И излезе пак покрај морето; и целото множество доаѓаше при Него, и го поучуваше.

14 И минувајќи, го виде Левија Алфеев, како седи во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!” И тој стана и тргна по Него.

15 И кога прилегна покрај трпезата во неговата куќа, многу цариници и грешници беа покрај трпезата, со Исуса и со Неговите ученици, зашто ги имаше мнозина, и врвеа по Него.

16 А кога книжниците и фарисеите Го видоа како јаде со грешниците и цариниците, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто јаде и пие заедно со цариниците и грешниците?”

17 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните - туку грешниците на покајание.”

18 Јовановите ученици и фарисеите постеа. И дојдоа и Му рекоа: „Зошто Јовановите ученици и учениците на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?”