1 Летописи 11:16-22 MKB

16 Тогаш Давид беше во своето укрепено место, а филистејската посада тогаш беше во Витлеем.

17 Давид посака: „О кога некој би ме напил вода од Витлеемскиот Кладенец што е кај вратата!”

18 Тогаш тие тројца продреа низ филистејскиот логор и, откако нацрпија вода од Витлеемскиот Кладенец, му ја донесоа и му ја дадоа на Давида. Но Давид не сакаше да пие, туку ја истури како налевница за Господа

19 говорејќи: „Да не ми даде мојот Бог да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе? Та изложувајќи го животот на смрт, донесоа вода.” И не сакаше да пие. Ете тоа го направија тие тројца јунаци.

20 Ависеј, братот Јоавов, беше началник над триесетмина; тој замавнуваше со копје против триста, ги погуби и се прослави меѓу тројцата.

21 Беше меѓу тројцата повиден од другите двајца, и им беше началник, ама не ги достигна првите тројца.

22 Венај син Јодаев, јунак од Кавсеил, богат со јуначки дела, ги уби двата сина на Ариел од Моав; тој во еден снежен ден слезе и уби лав сред јама.