1 Летописи 18 MKB

1 Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори, та го одзеде Гат со неговите села од филистејските раце.

2 Ги порази и Моавците, и тие станаа Давидови поданици кои му донесуваа данок.

3 Давид го порази и Адад-Езера, совскиот цар во Емат, кога излезе да ја утврди својата власт до реката Еуфрат.

4 Давид зароби од него илјада бојни коли, седум илјади коњаници и дваесет илјади пешаци; им ги пресече петичните жили на сите коњи на бојните коли, остави само сто.

5 Дамаските Арамејци му беа дошле на помош на Адад-Езер, ама Давид погуби меѓу Арамејците дваесет и две илјади луѓе.

6 Постави намесник во Арамејскиот Дамаск. Така Арамејците станаа Давидови поданици и требаа да му плаќаат данок. Господ му даваше победа на Давида каде и да одеше.

7 Давид ги заплени златните штитови што ги имаа Адад-Езеровите слуги, и ги донесе во Ерусалим.

8 И од Адад-Езеровите градови Тиват и Хун однесе многу бронза, од која Соломон го направи бронзеното море, столбовите и бронзените посатки.

9 Кога ематскиот цар Тој чу дека Давид ја порази целата војска на Адад-Езера, совскиот цар,

10 му го испрати на Давида својот син Адорам за да го поздрави и за да му честита, зашто војуваше против Адад-Езера и зашто го порази, бидејќи Тој беше во војна со Адад-Езер; и за да му однесе секакви златни, сребрени и бронзени предмети.

11 И нив Давид му ги посвети на Господа со среброто и златото што го имаше земено од сите народи, од Едомците, од Моавците, од Амонците, од Филистејците и од Амаликците.

12 Серуиниот син Ависај погуби осумнаесет илјади Едемци во Солената Долина.

13 Давид постави намесници по Едом. Така сите Едомци станаа Давидови слуги. И каде и да одеше Давид, Господ му даваше победа.

14 Давид царуваше над сиот Израел правејќи му право и правда на сиот свој народ.

15 Серуиниот син Јоав беше заповедик на војската; синот Ахилудов беше таен советник.

16 Синот Ахитовов Садок и синот Авимелехов беа свештеници, Суса писар.

17 Синот Јодаев Венаја беше над Херетците и над Фелетците, а Давидовите синови беа први до царот.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29