1 Летописи 13 MKB

1 Давид се советуваше со илјадниците, стотниците и со сите водачи.

2 И тој му рече на целиот Израелев собор: „Ако ви е право та ако нашиот Бог Господ одлучил така, ќе испратиме гласници на сите други браќа во Израелевата земја, а исто така и на свештениците со нив и на левитите по градовите на нивните пасишта, за да се обединат со нас.

3 Ќе го пренесеме кај себе Ковчегот на својот Бог, зашто навистина не го баравме во Сауловите денови.”

4 Сиот собор одлучи да се направи така, зашто тоа беше право во очите на сиот народ.

5 Така Давид го собра сиот Израелев народ од Египетскиот Сихор па до влезот во Емат, за да го донесат Божјиот Ковчег од Киријат-Јарим.

6 Давид со сиот Израел тргна во Вал, во Киријат-Јарим, што е во Јуда, за да го пренесат оттаму Божјиот Ковчег наречен со името на Господа, кој престолува над херувимите.

7 Го изнесоа Божјиот Ковчег на нова кола од Авинадавовата куќа; а Уза и Ахиј управуваа со колата.

8 Давид и сиот Израел играа пред Господа со сета сила пеејќи наспоредно со звуци на гуслиња, псалтири, тапанчиња, на кимвали и на труби.

9 Кога дојдоа до Хидоновото Гумно, Уза посегна со раката за да го придржи Ковчегот, зашто воловите не го превртија за малку.

10 Но Господ се разгневи на Уза и го удри, зашто ја испружи раката кон Ковчегот. Таму умре пред Бога.

11 На Давида му беше жал дека Господ го удри така Уза, и тој го нарече тоа место Ферес-Уза, како што се вика и ден-денес.

12 Во тој ден Давид се исплаши од Господа и рече: „Како ќе го донесам кај себе Божјиот Ковчег?”

13 Не го премести Ковчегот кај себе во Давидовиот Град, туку го засолна во куќата на Гетеецот Овид-Едом.

14 И Божјиот Ковчег остана кај Овид-Едомовото семејство, во неговиот дом, три месеци. Затоа Господ ги благослови Овид-Едомовата куќа и сè што имаше.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29