1 Летописи 29 MKB

1 Царот Давид му рече на сиот собир: „Бог го избра мојот син Соломон, младо и нежно момче, а ова е голема работа, зашто дворецот нема да биде за човек, туку за Господ Бог.

2 Подготвив колку што можев, за Домот на својот Бог: злато за златните работи и сребро за сребрените, бронза за бронзените, железо за железните, дрво за дрвените; ониксови камења и бесцени камења за всадување, бесцени камења за украс и шарени бесцени камења, секакви скапоцени камења, и изобилство мермер.

3 Од љубов кон Бога уште го давам и своето злато и сребро, освен сè што подготвив за светиот Дом.

4 Три илјади златни таланти офирско злато и седум илјади таланти чисто сребро, за да бидат обложени ѕидовите на просториите.

5 Злато за златните работи, а среброто за сребрените и за секое дело на уметнички раце. Дали денес уште некој сака да Му приложи нешто со својата рака на Господа?”

6 Тогаш доброволно приложија кнезовите на семејствата и кнезовите на израелските племиња, илјадниците, стотниците и надгледувачите над царските работи.

7 Дадоа за служба во Божјиот Дом пет илјади таланти злато и десет илјади златници - драхми, десет илјади таланти сребро, осумнаесет илјади таланти бронза, сто илјади таланти железо.

8 Во кого се најдоа бесцени камења, сите даруваа во ризницата на Господовиот Дом, на рацете на Гирсоновецот Јехил.

9 Народот се веселеше зашто прилагаа доброволно, зашто Му прилагаа со искрено срце на Господа; и царот Давид се радуваше многу.

10 Потоа Давид Го благослови Господа пред сиот собир. И Давид рече: „Благословен да си, Господи, Боже на нашиот татко Израел, одвека довека!

11 Твоја е, Господи, величината, силата, славата, сјајот и величеството, зашто е Твое сè што е на небото и на земјата; Твое е, Господи, царството, и Ти си возвишен над сè, Главатар на сè!

12 Од Тебе се богатсвото и славата, Ти владееш над сите, во Твојата рака се силата и моќта, во Твојата власт е да направиш големо и силно сè.

13 И Те славиме, Боже наш, и Го фалиме Твоето славно Име.”

14 ”Кој сум јас, и што е мојот народ, за да имаме сила да Ти принесеме Тебе доброволно оволку? Од Тебе е сè, и откако примивме од Твоите раце, Ти дадовме Тебе!

15 Придојденици сме пред Тебе, населници како сите наши татковци; нашите денови на земјата минуваат како сенка, и нема надеж.

16 Господи, Боже наш, сето ова големо богатство што го подготвивме за градење на Дом за Тебе, за Твоето свето Име, од Твојата рака е, и сè е Твое!

17 Но знам, о Боже мој, дека Ти ги испитуваш срцата и дека ја љубиш искреноста; јас го принесов сè ова доброволно со искрено срце, и со радост го гледав Твојот народ, кој е тука, како Ти принесува доброволно.

18 Господе, Боже на нашите татковци Авраам, Исак и Јаков, запази ја довека во срцето на Својот народ таа мисла и намера и насочи го неговото срце кон Себе!

19 А на мојот син Соломон дај му чесно срце за да ги пази Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите уредби, за да врши сè и за да го изгради дворецот за кого подготвив сè!”

20 Тогаш Давид му рече на сиот собир: „Благословете Го сега Господа, својот Бог!” И сиот собир Го благослови Господа, Бога на своите татковци и, откако падна ничкум, им се поклони на Господа и на царот.

21 Му жртвуваа на Господа жртви и Му принесоа на Господа паленици утреден: илјада јунци, илјада овни, илјада јагниња со нивните налевници, многу други жртви за сиот Израел.

22 Јадеа и пиеја пред Господа во оној ден, радувајќи се многу. Го зацарија повторно Давидовиот син Соломон и го помазаа според Господовата волја за врховен управител, а Садок за свештеник.

23 Така Соломон седна на Господовиот престол за да царува на место на својот татко Давид. Беше среќен, и сиот Израел го слушаше.

24 Сите кнезови и јунаци, и сите синови на цар Давид, му ја подадоа раката на Соломон и му ветија свечено покорност.

25 Господ го возвиши многу Соломона пред очите на сиот Израел и му даде на неговото царство величество какво немаше ниеден цар пред него во Израел.

26 Така Јесеевиот син Давид царуваше над сиот Израел.

27 Царуваше четириесет години над Израел; царуваше седум години во Хеврон; царуваше триесет и три години во Ерусалим.

28 Почина во добра старост, наситен од животот, од богатството и од славата. На неговото место се зацари син му Соломон.

29 Делата на царот Давид, од првото до последното, опишани се во записите на гледачот Самоил, во записот на пророкот Натан и во записот на гледачот Гад,

30 со сето негово царување, со неговите јунаштва и со настаните што поминаа преку него, и преку Израел, и преку сите други земни царства.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29