1 Летописи 20 MKB

1 Во идната година, во времето кога царевите излегуваа на војна, Јоав ја изведе војската и почна да ја запустува Амонската Земја. Откако дојде, ја опсади Рава; Давид беше останат во Ерусалим. Јоав ја освои Рава и ја разурна.

2 Тогаш Давид ја зеде круната од главата на нивниот цар и виде дека е тешка еден златен талант, а врз неа беа скапоцени камења. Ја сложија врз главата на Давида, кој однесе од градот многу голем плен.

3 Народот што беше во градот го извади надвор и го исече со пили, со железни копачи и со секири. Така Давид им направи на сите градови на Амоновите синови. Потоа се врати со сиот народ во Ерусалим.

4 Потоа пак избувна војна со Филистејците во Гезер; тогаш Хусиецот Сивехај го погуби Сифија, кој беше од Рефаимовите потомци; и беа покорени.

5 Покрај тоа стана и војна со Филистејците, во која Јаировиот син Елханан го погуби Ламија, братот на Гетеецот Голијат, кој имаше копје како ткаачко вратило.

6 Потоа пак избувна војна во Гат, каде беше некој човек со висок раст: тој имаше на секоја рака и нога по шест прсти, и така дваесет и четири; и тој беше Рафин потомок.

7 Кога почна да го хули Израел, го уби Јонатан, син на Давидовиот брат Самај.

8 Тоа беа Рафини потомци во Гат, кои загинаа од Давидовата рака и од раката на неговите слуги.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29