1 Летописи 17:11-17 MKB

11 Зашто кога ќе се исполнат твоите животни денови и кога ќе дојде времето да починеш кај татковците, ќе го подигнам твојот потомок по тебе, кој ќе биде од твоите синови, и ќе го утврдам неговото царство.

12 Тој ќе Ми изгради дом, а Јас ќе го утврдам неговиот престол засекогаш.

13 Јас ќе му бидам нему татко, а тој ќе Ми биде Мене син: нема да ја одвратам Мојата милост од него, како што ја одвратив од неговиот претходник.

14 Ќе го утврдам во Мојот дом и во Моето царство довека, и неговиот престол ќе му стои цврсто засекогаш.”‘“

15 Натан му ги пренесе на Давида сите тие зборови и целото видение.

16 Тогаш Давид дојде и застана пред Господа и рече: „Кој сум јас, о Боже Господи, и што е мојот дом та ме доведе дотука?

17 Па и тоа беше премалку во Твоите очи, о Боже, туку му даде ветување на домот на Својот слуга и за далечната иднина, и погледна на мене како што се гледа на угледен човек, о Боже Господи!