1 Летописи 17:16-22 MKB

16 Тогаш Давид дојде и застана пред Господа и рече: „Кој сум јас, о Боже Господи, и што е мојот дом та ме доведе дотука?

17 Па и тоа беше премалку во Твоите очи, о Боже, туку му даде ветување на домот на Својот слуга и за далечната иднина, и погледна на мене како што се гледа на угледен човек, о Боже Господи!

18 Па уште што да ти зборува Давид за славата на Твојот слуга; та Ти го познаваш Својот слуга!

19 Господи, заради Својот слуга и по Своето срце го направи сето ова големо дело, објавувајќи ги овие величини.

20 Господи нема таков Каков што си Ти, ниту има Бог освен Тебе, според сè што чувме со своите уши.

21 Дали постои друг народ на земјата како Твојот Израелски народ, заради кој Бог одеше за да Си избави народ за Себе, за да си придобиеш така Име со големи и страшни чудеса, изгонувајќи ги кривобожечките племиња пред Својот народ што го откупи од Египет?

22 Така го направи Својот Израелски народ, Свој народ засекогаш, а Ти, Господи, му стана Бог.