12 И му рече: „Ако Арамејците бидат појаки од мене, тогаш ти прискочи ми на помош; ако Амонците бидат појаки од тебе, јас ќе поитам кај тебе на помош.
13 Биди храбар и да се држиме јуначки заради народот и заради градовите на нашиот Бог; а Господ нека направи што Му е угодно.”
14 Тогаш Јоав и војската која беше со него почнаа да се доближуваат за да удрат на Арамејците, но тие избегаа пред нив.
15 Кога Амонците видоа дека Арамејците избегаа, избегаа и тие пред неговиот брат Ависај и се повлекоа в град. Тогаш Јоав се врати во Ерусалим.
16 А Арамејците, откако видоа дека Израелците ги поразија, испратија пратеници и доведоа Арамејци, што се од онаа страна на Реката, на чело со Софак, военачалник на Адар-Езеровата војска, кој ги предводеше.
17 Откако му го соопштија тоа на Давида, тој ги собра сите Израелци, и по преминувањето преку Јордан, им се доближи на Арамејците и се подреди пред нив; кога Давид се подреди во боен ред спрема Арамејците, тие почнаа бој со него.
18 Но Арамејците почнаа да бегаат пред Израелците, и Давид им истепа седум илјади коњи на бојните колесници и четириесет илјади пешаци; го погуби и военачалникот Софак.