1 Летописи 21:10-16 MKB

10 „Оди и кажи му на Давида: ‘Господ вели вака: „Три работи ставам пред тебе, избери си едно од тоа за да ти сторам!”‘“

11 Откако дојде кај Давида, Гад му рече: „Господ вели вака: ‘Избери си за себе

12 или глад за три години, или ти да бегаш три месеци пред непријателите, и да те стига мечот на твоите непријатели, или три дни Господовиот меч и морот да бидат на земјата, и Господовиот ангел да убива по сите израелски краишта.’ Сега размисли и гледај што да му одговорам на Оној што ме испрати!”

13 Давид му рече на Гада: „На голема мака сум! Ах, нека паднам во Господовите раце, зашто е големо Неговото милосрдие, а да не паднам во човечки раце!”

14 Така Господ испрати помор на Израел, та изумреа седумдесет илјади Израелци.

15 Бог испрати ангел против Ерусалим за да го истребува; а кога почна да го истребува, Господ погледна и Му се сожали заради злото, па Му рече на ангелот погубувач: „Доста е сега, спушти ја раката!” Господовиот ангел стоеше покрај гумното на Евусеецот Орнан.

16 Давид, откако ги подигна очите, го виде Господовиот ангел како стои меѓу земјата и небото држејќи во раката извлечен меч, што го имаше кренато на Ерусалим, и тој падна ничкум со старешините облечени во вреќиште.