Броеви (4 Moj.) 1 MKB

1 Во Синајската Пустина, во Шаторот на средбата, Господ му рече на Мојсеја, во првиот ден на вториот месец, во втората година по излегувањето од Египетската Земја:

2 „Извршете попис на целата израелска заедница по родови и по семејства, наведувајќи ги имињата на сите машки, глава по глава.

3 Од дваесет години нагоре, способните за борба во Израел, ти и Арон, избројте ги според нивните единици.

4 Со вас нека биде по еден човек од секое племе, главатар на својот прадедовски дом.

5 Ова се имињата на луѓето кои ќе ви помагаат: Елисур, син Седиуров, од Рувимовото племе;

6 Саламил, син Сурисадеев, од Симеоновото племе;

7 Насон, син Аминададов, од Јудиното племе;

8 Натанаил, син Согаров, од Исахаровото племе;

9 Елијав, син Хелонов, од Завулоновото племе.

10 Од Јосифовите синови: Елисам, син Емиудов; од Ефремовото племе; Гамалиил, син Фадасуров, од Манасиевото племе;

11 Авидан, син Гадеониев, од Венијаминовото племе;

12 Ахизер, син Амисадаев, од Дановото племе;

13 Фагаел, син Ехранов од Асировото племе;

14 Елисав, син Деуелов од Гадовото племе;

15 Ахиреј, син Енанов, од Нефталимовото племе.”

16 Тоа беа избраниците од општеството, владетели на нивните татковски племиња и главатари на Израелевите илјадници.

17 Тогаш Мојсеј и Арон ги зедоа тие луѓе кои беа одредени по име,

18 па ја свикаа целата заедница во првиот ден на вториот месец. Тогаш во пописот, според родовите и семејствата по ред, беше внесуван бројот на личностите повозрасни од дваесет години, еден по еден.

19 Како што Господ му нареди на Мојсеја, така тој ги изброја во Синајската Пустина.

20 Кога беше утврдено Рувимовото потомство, на Израелевиот првенец, по неговите родови и семејства, ги запишаа глава по глава имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба.

21 Преброените од Рувимовото племе беа четириесет и шест илјади и пет стотини.

22 Беа избројани Симеоновите потомци по нивните родови и семејства: беа избројани, глава по глава, имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба.

23 Избројаните од Симеоновото племе беа педесет и девет илјади и три стотини.

24 Кога беше утврдено потомството на Гадовите синови по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

25 Избројаните од Гадовото племе беа четириесет и пет илјади и шест стотини и педесет.

26 Кога беше утврдено потомството на Јудините синови по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

27 Избројаните од Јудиното племе беа седумдесет и четири илјади и шест стотини.

28 Кога беше утврдено потомството на Исахаровите синови по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војување.

29 Избројаните од Исахаровото племе беа педесет и четири илјади и четири стотини.

30 Кога беше утврдено потомството на Завулоновите синови по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на сите од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

31 Избројаните од Завулоновото племе беа педесет и седум илјади и четири стотини.

32 Јосифовите синови: кога беше утврдено потомството на Ефремовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

33 Избројаните од Ефремовото племе беа четириесет илјади и пет стотини.

34 Кога беше утврдено потомството на Манасиевите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

35 Избројаните од Манасиевото племе беа триесет и две илјади и двеста.

36 Кога беше утврдено потомството на Венијаминовите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

37 Избројаните од Венијаминово племе беа триесет и пет илјади и четири стотини.

38 Кога беше утврдено потомството на Дановите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

39 Избројаните од Дановото племе беа шеесет и две илјади и седум стотини.

40 Кога беше утврдено потомството на Асировите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

41 Запишаните од Асировото племе беа четириесет и една илјада и пет стотини.

42 Кога беше утврдено потомството на Нефталимовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна.

43 Избројаните од Нефталимовото племе беа педесет и три илјади и четири стотини.

44 Тоа се оние кои ги избројаа Мојсеј и Арон со дванаесетте израелски главатари, по еден човек од секој татковски дом.

45 Беа избројани сите Израелци, по татковските домови, од дваесет години и повеќе, сите способни за војна во Израел.

46 И така, сите избројани беа шест стотини и три илјади пет стотини и педесет.

47 Меѓу нив не беа вброени левитите по поколенијата на нивните татковци.

48 Имено, Господ му рече на Мојсеја:

49 „Само Левиевото племе не го внесувај во пописот на Израелците.

50 Туку ти самиот одреди ги левитите за служба во Шаторот на Сведоштвото; за сиот негов намештај и сè што спаѓа во него; тие нека го носат Шаторот и сиот негов прибор; тие нека служат во него и нека го поставуваат својот логор околу него.

51 Кога Шаторот треба да биде преместен, левитите нека го разглобат; а кога Шаторот треба да застане, левитите нека го подигнат пак. Странец кој ќе му се доближи нека биде погубен.

52 Израелевите синови нека ги оптегнуваат своите шатори секој во својот логор; секој при своето знаме, по чети.

53 Левитите нека престојуваат околу Шаторот на Сведоштвото, за да не падне гнев врз Израелевото општество. Така левитите нека чуваат стража околу Шаторот на Сведоштвото.”

54 Израелците направија така како што Господ му нареди на Мојсеја. Така направија во сè.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36