1 Во оној ден кога Мојсеј го сврши поставувањето на Шаторот и кога го помаза и го посвети со сите негови садови, а исто и жртвеникот со сите негови прибори,
2 тогаш пристапија Израелевите главатари, старешините на нивните прадедовски домови, односно племенските водачи, кои го спроведуваа пописот,
3 и ги доведоа пред Господа своите приноси: шест покриени коли и дванаесет волови - по една кола за двајца главатари и по еден вол за секој поединец. Ги доведоа пред Шаторот.
4 Тогаш Господ му проговори на Мојсеја:
5 „Прими го тоа од нив за употреба при службата во Шаторот на средбата; потоа подај му го тоа на секој левит според неговата служба.”
6 Мојсеј ги зеде колите и воловите па им ги даде на левитите.
7 Две коли и четири вола им даде на Гирсоновците според нивната служба,
8 а четири коли и осум вола им даде на Мерариевците, според нивната служба под водство на Итамар, син на свештеникот Арон.
9 На Каатовците не им даде ништо, зашто нивната задача беше да ги носат посветените нешта на раменици.
10 Тогаш началниците принесоа принос за осветување на жртвеникот во денот на неговото помазание. Додека началниците ги принесуваа своите приноси пред жртвеникот,
11 Господ му рече на Мојсеја: „Секој ден по еден началник нека го донесе својот принос за осветување на жртвеникот!”
12 Во првиот ден својот принос го донесе Насон, синот Аминадавов, од Јудиното племе.
13 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел: и едното и другото беа наполнети со чисто брашно замешано со масло, за лебен принос.
14 Потоа, една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
15 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
16 еден јарец за жртва за грев,
17 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Насона, Аминадавовиот син.
18 Во вториот ден својот принос го донесе Натанаил, Согаровиот син, кнезот на Исахаровците.
19 Како свој принос донесе: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот (храмски) шекел, двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
20 потоа една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
21 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе за паленица;
22 еден јарец за жртва за грев,
23 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Натанаила, Согаровиот син.
24 Во третиот ден својот принос го донесе началникот на Завулоновците, Елијав, синот Хелонов.
25 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
26 една златна кадилница, полна со темјан;
27 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
28 еден јарец за жртва за грев;
29 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елијава, Хелоновиот син.
30 Во четвртиот ден својот принос го донесе началникот на Рувимовците, Елисур, синот Седиуров.
31 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
32 тогаш, една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
33 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
34 еден јарец за жртва за грев,
35 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисура, Седиуровиот син.
36 Во петтиот ден својот принос го донесе началникот на Симеоновите синови, Саламил, синот Сурисадаев.
37 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
38 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
39 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
40 еден јарец за жртва за грев,
41 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Саламила, Сурисадаевиот син.
42 Во шестиот ден својот принос го донесе началникот на Гадовите синови, Елисаф, синот Рагуилов.
43 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
44 една златна кадилница од десет шекели полна со темјан;
45 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
46 еден јарец за жртва за грев,
47 а за помирница: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисафа, Рагуиловиот син.
48 Во седмиот ден својот принос го донесе началникот на Ефремовците, Елисам, син Емиудов.
49 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
50 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
51 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица,
52 еден јарец за жртва за грев;
53 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисама, Емиудовиот син.
54 Во осмиот ден својот принос го донесе началникот на Манасиевите синови, Гамалаил, синот Фадасуров.
55 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
56 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
57 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
58 еден јарец за жртва за грев,
59 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Гамалаила, Фадасуровиот син.
60 Во деветтиот ден својот принос го донесе началникот на Венијаминовите синови, Авидан, синот Гедеониев.
61 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
62 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан,
63 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
64 еден јарец за жртва за грев,
65 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Авидана, Гедеониевиот син.
66 Во десеттиот ден својот принос го донесе началникот на Дановите синови, Ахиезер, синот Амисадаев.
67 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, како лебен принос;
68 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
69 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
70 еден јарец за жртва за грев,
71 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Ахиезера, Амисадаевиот син.
72 Во единаесеттиот ден својот принос го донесе началникот на Асировците, Фагаил, синот Ехранов.
73 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
74 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
75 еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица;
76 еден јарец за жртва за грев,
77 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше принос на Фагаила, Ехрановиот син.
78 Во дванаесеттиот ден својот принос го донесе началникот на Нефталимовите синови, Ахиреј, синот Енанов.
79 Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос;
80 една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан;
81 еден јунец, еден овен, едно јагне од една година, за паленица;
82 еден јарец за жртва за грев,
83 а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Ахиреја, Енановиот син.
84 Тоа беа приносите на Израелевите началници за осветување на жртвеникот во денот кога беше помазан: дванаесет сребрени чинии, дванаесет сребрени чаши и дванаесет златни кадилници.
85 Секоја сребрена чинија тежеше сто и триесет шекели; секоја чаша седумдесет шекели. Вкупно сребро во садовите имаше две илјади и четири стотини светилишни шекели.
86 Златни кадилници, полни со темјан, беа дванаесет; секоја кадилница тежеше десет храмски шекели. Сето злато во кадилниците тежеше сто и дваесет шекели.
87 Сиот добиток за паленици: дванаесет јунци, дванаесет овни, дванаесет едногодишни јагниња, со лебните приноси. За жртвата за грев: дванаесет јарци.
88 Сиот добиток за помирителната жртва: дваесет и четири јунци, шеесет овни, шеесет јариња и шеесет јагниња годиначиња. Тоа беа приносите за осветување на жртвеникот по неговото помазание.
89 Кога Мојсеј влегуваше во Шаторот на средбата, за да разговара со Бога, слушаше како му зборува глас одозгора од Покривот што беше на Ковчегот на сведоштвото, меѓу двата херувима. Тогаш му зборуваше.