1 Господ му рече на Мојсеја:
2 „Нареди им на Израелевите синови да ги отстранат од логорот: секој лепрозен, секој што има излив и секој што ќе се онечисти со мртво тело.
3 Отстранете ги и машките и женските! Истерајте ги надвор од живеалиштето, за да не ги онечистат своите логори, во кои престојувам Јас меѓу нив.”
4 Израелевите синови направија така: ги истераа од логорот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, така и направија Израелците.
5 Господ му рече на Мојсеја:
6 „Кажи им на Израелците: ‘Кога некој маж или некоја жена направи некаков грев против човек, и кога преку тоа направи престап против Господа, и е виновен,
7 нека го признае сторениот грев, нека ја надомести штетата колку што може подобро и уште нека додаде петина кон тоа и нека му го даде на оној, кому му згрешил.
8 Ако човекот нема поблизок роднина, кому може да му биде вратен надоместокот, тоа нека Му го посветат на Господа, тоа нека биде за свештеникот, покрај овенот за очистување со кого тој ќе го очисти.
9 И секој принос од сите свети нешта, што Израелците му ги донесуваат на свештеникот, му припаѓаат нему.
10 Од секој човек посветените работи да бидат негови; и нека на свештеникот му припаѓа она што некој му го дава нему.’”
11 Господ му рече на Мојсеја:
12 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Ако некоја жена тргне по грешен пат и ако го изневери мажот си;
13 и ако некој легне со неа, а тоа остане скриено за очите на мажот и; а жената остане неоткриена иако се онечистила, па нема сведок против неа, зашто не била фатена во делото -
14 и ако сега духот на љубомората го опфати мажот и тој стане љубоморен на својата жена која се онечистила; или ако му дојде духот на љубомората и стане љубоморен на својата жена, а таа не се онечистила -
15 мажот нека ја доведе својата жена при свештеникот. Нека донесе принос за неа: една десетина ефа јачменово брашно. Нека не полива врз него масло ниту да става темјан врз него, зашто тоа е приносница за љубомора, спомен-принос, за да потсетува на беззаконието.’
16 ‘Свештеникот нека ја поведе таа жена и нека ја постави пред Господа.
17 Сега свештеникот нека земе света вода во глинен сад и - откако ќе земе прав што е на подот на Шаторот, свештеникот нека го фрли во водата.
18 Откако свештеникот ќе ја постави жената пред Господа, нека и ја открие главата, а во нејзините раце нека го стави спомен-приносот, односно, приносот за љубомора, а свештеникот нека ја држи во раката горчливата вода, што носи проклетство.
19 Потоа свештеникот нека ја заколне жената. Нека и рече: „Ако никогаш маж не лежал со тебе и ако не си одела по страничен пат и не си се онечистила додека си била под власта на мажа си, биди поштедена од оваа горчлива вода што носи проклетство!
20 Но ако си му изневерила на мажа си и ако некој маж, освен твојот сопруг, легнал со тебе. . .”
21 Тогаш свештеникот нека ја заколне жената, нека и рече: „Господ да те постави за проклетство и за клетва среде твојот народ; да ти стори да ти овене родницата и да ти се подуе утробата!
22 Оваа вода на проклетството нека навлезе во твојата утроба! Да ти се подуе утробата од неа, а родницата да ти овене!” А жената нека рече: „Амин! Амин!”
23 ‘Потоа свештеникот нека ги напише тие проклетства на книжен свиток па нека ги измие во горчлива вода.
24 Тогаш нека ја напие онаа жена со горчливата вода што носи проклетство, за да се разлее низ неа горчливата вода и за да ја наполни со горчливост.
25 Тогаш свештеникот нека го земе од женината рака лебниот принос за љубомора, нека го принесе пред Господа како подвижна жртва и нека ја донесе на жртвеникот.
26 Откако ќе заграби полн грст од лебниот принос за спомен, нека го изгори тоа во жртвеникот. Најпосле, нека ја напие жената со водата.
27 Откако ќе ја напие со водата, ако биде онечистена, со изневерување на мажа си, водата на проклетството ќе влезе во неа и ќе ја наполни со горчливост; нејзината утроба ќе се подуе, а родницата ќе овене - таа жена ќе стане проклетство во својот народ.
28 Но ако жената не е онечстена и е чиста, тогаш ќе остане неповредена и ќе зачнува.’
29 ‘Тоа е закон за љубомора, кога жената ќе му изневери на својот маж и кога ќе се онечисти.
30 Или кога дух на ревност ќе го опфати некој маж па ќе стане љубоморен на својата жена. Тогаш нека ја постави својата жена пред Господа, а свештеникот нека го исполни сиот овој закон.
31 Мажот нека биде слободен од вината, а жената нека го носи своето беззаконие.’”