Броеви (4 Moj.) 14 MKB

1 Тогаш завреви целото општество и почна да вика. И народот плачеше во таа ноќ.

2 Сите Израелци роптаа против Мојсеја и Арона. Целата заедница им зборуваше: „О, да умревме во Египетската Земја! Или да изумревме во пустинава!

3 Зошто Господ нè води во таа земја, за да паднеме од меч, а нашите жени и деца да станат робови! Зар не ќе ни биде подобро да се вратиме во Египет?!”

4 И си велеа еден на друг: „Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!”

5 Мојсеј и Арон паднаа на своите лица пред целата собрана израелска заедница.

6 А Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, кои беа меѓу оние кои ја согледуваа земјата, ја скинаа својата облека.

7 Потоа му рекоа на целото Израелско општество: „Земјата низ која поминавме за да ја согледаме е премногу добра.

8 Ако ни биде Господ милостив, ќе нè доведе во таа земја, и ќе ни ја даде. Тоа е земја во која течат мед и млеко.

9 Само, не бунете се против Господа! Не бојте се од народот на онаа земја; па тој е залаг за нас. Тие се без заштита, а Господ е со нас! Не бојте се од нив!”

10 И додека целото општество веќе мислеше да ги каменува, Господовата слава им се јави во Шаторот на средбата на сите Израелеви синови.

11 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе Ме презира тој народ? До кога не ќе Ми верува и покрај сите знаци што ги извршив среде нив?

12 Ќе ги удрам со помор и ќе ги истребам, а од тебе ќе направам народ поголем и посилен од него.”

13 Тогаш Мојсеј Му рече на Господа: „Египетците сфатија дека Ти, со Твојата сила, го изведе овој народ отсреде нив.

14 Тие им го кажаа тоа на жителите на онаа земја. Веќе научија дека Ти си, Господи, среде овој народ, кому му се јавуваш лице во лице, и дека Ти, Господи, стоиш во облак над него, дека одиш пред него дење во столб од облак, а ноќе во столб од оган.

15 Затоа, ако го истребиш овој народ како еден човек, народите што чуја глас за Тебе, ќе речат:

16 ‘Господ беше немоќен да го доведе овој народ во земјата што му ја вети под заклетва, и затоа го погуби во пустината.’

17 Затоа нека се возвеличи силата на Мојот Господ, како што рече, велејќи:

18 ‘Господ е долготрпелив и многумилостив; ги проштава беззаконијата и престапите, но не го остава виновниот неказнет, туку го казнува безаконието на татковците врз децата до третото и четвртото поколение.’

19 Прости му го гревот на овој народ, по Твојата голема милост, како што му проштаваше на овој народ од Египет дотука.”

20 „Им проштавам, на твојот збор - рече Господ.

21 Но Јас Сум жив и со Господовата слава е полна целата земја!

22 Сите кои ги видоа: Мојата слава и знаците што ги направив во Египет и во пустината, па сепак ме искушуваа десетпати не сакајќи да го послушаат Мојот глас,

23 нема да ја видат земјата што со заклетва им ја ветив на нивните татковци; сите, кои Ме презираат, нема да ја видат.

24 А Мојот слуга Халев, зашто во него беше инаков дух и зашто ми беше послушен, Јас ќе го воведам него во земјата во која влезе, и неговите потомци ќе ја наследат! (Амаликците и Ханаанците живеат во долината).

25 Вратете се утре и тргнете кон Црвеното Море.”

26 Уште Господ им рече на Мојсеја и Арона:

27 „До кога тоа лукаво општество ќе ропта против Мене? Ги чув оптужбите што Израелевите синови ги подигаат против Мене.

28 Кажи им: ‘Жив Сум Јас, вели Господ, како што зборувавте во Моите уши, така и ќе ви сторам.

29 Вашите мртви тела ќе паднат во оваа пустина: на сите вас што сте запишани во кој и да е попис од дваесет години нагоре, кои викавте против Мене.

30 Нема да влезете во земјата, против која ја дигнав Мојата рака, за да ве населам во неа, освен Халев, синот Ефониев, и Исус синот Навинов.

31 А вашите деца, за кои велевте дека ќе станат робови, нив ќе ги воведам за да ја населат земјата што вие ја презревте.

32 А вие! Вашите трупови ќе паднат во пустинава!

33 Вашите синови ќе скитаат низ пустината четириесет години, ќе трпат заради вашата невера додека не ви испопаѓаат телата во пустинава.

34 Според бројот на деновите во кои ја согледувавте земјата - четириесет денови; за секој ден една година - четириесет години ќе ги носите вашите беззаконија, за да знаете што значи да се биде оттуѓен од Мене.

35 Јас, Господ, го велам тоа: така ќе постапам со оваа зла заедница, што се собрала заедно против Мене: сите тие ќе загинат и ќе изумрат во пустинава.’”

36 А оние луѓе, кои Мојсеј ги испрати да ја согледаат земјата, и кои по враќањето го возмутија целото општество против него, прогласувајќи ја земјата за лоша;

37 тие, кои ја прикажаа земјата како лоша, изумреа од помор пред Господа.

38 Само Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, останаа живи од оние луѓе, кои отидоа да ја согледаат земјата.

39 Кога Мојсеј им ги пренесе зборовите на Израелците, луѓето плачеа горчливо,

40 станувајќи рано, почнаа да се искачуваат кон врвот на гората, велејќи: „Еве се искачуваме кон местото за кое зборуваше Господ, зашто згрешивме.”

41 А Мојсеј рече: „Зошто ја престапувате Господовата заповед? Не ќе успеете.

42 Не одете горе, оти Господ не е помеѓу вас, да не би да ве поразат вашите непријатели.

43 Зашто Амаликците и Ханаанците таму се пред вас, и ќе паднете од меч; зашто отстапивте од Господа и затоа Господ не ќе биде со вас.”

44 Но тие се искачуваа упорно кон врвот на гората, иако ни Ковчегот на Господовиот Завет ни Мојсеја не го оставија логорот.

45 Амаликците и Ханаанците, кои живееја на планината, слегоа, удрија на нив и ги гонеа сè до Хорма.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36