Броеви (4 Moj.) 23 MKB

1 И Валаам му рече на Валака: „Направи ми тука седум жртвеници; приготви ми тука седум јунци и седум овни.”

2 Валак направи како што му рече Валаам. А потоа Валак и Валаам принесоа по еден јунец и по еден овен на секој жртвеник.

3 Потоа Валаам му рече на Валака: „Ти стој кај твојата паленица, а јас одам можеби да се сретнам со Господа, па што ќе ми открие, ќе ти кажам.” И тој отиде на високо осамено место.

4 И Бог го сретна Валаама, кој му рече: „Подигнав седум жртвеници и принесов на секој по еден јунец и по еден овен.”

5 А Господ положи зборови во устата на Валаама и му заповеда: „Врати се кај Валака и зборувај вака.”

6 Валаам се врати кај него, а тој стоеше покрај својата паленица, и со него сите моавски кнезови.

7 Тогаш тој ја почна својата песна и рече: „Од Арам ме доведе Валак, царот на Моав, од источните планини, велејќи: ‘Дојди, проколни ми го Јакова, Дојди, изречи зло против Израел!’

8 Како можам да го проколнам кого Бог не го проколнува? Како да изречам зло? Кога Господ не му изречува?

9 Зошто јас го гледам од врвот на карпите, Го набљудувам од високиот брег: ете, народ, кој живее одвоено, тој не се вбројува меѓу народите.

10 Кој ќе го преброи Јакововиот песок бројот на четвртиот дел на Израел! О да се надевам дека ќе умрам со смртта на преведник! И мојот свршеток да биде како нивниот!”

11 „Што ми стори! - му рече Валак на Валаама. Те доведов да ги проколнеш моите непријатели, а кога ете, ти ги опсипа со благослови!”

12 Тој одговори: „Зар не ми е должност да го кажам она што Господ го става во мојата уста?”

13 „Ајде со мене на друго место, откаде можеш да го видиш сиот - го замоли Валак. Оттука му го гледаш само едниот крај, а не го гледаш сиот. Проколни ми го оттаму!”

14 Потоа го поведе во Седе-Зофим, на врвот Фасга. Тука изгради седум жртвеници и на секој жртвеник принесе по еден јунец и по еден овен.

15 Тогаш Валаам му рече на Валака: „Стој тука покрај твојата паленица, а јас одам онаму во пресрет на Бога.”

16 Господ го сретна Валаама; му стави зборови во неговата уста и му заповеда: „Врати се кон Валака и зборувај така!”

17 И тој се врати при Валака, кој стоеше покрај својата паленица и моавските кнезови со него. Валак го праша: „Што рече Господ?”

18 Тогаш Валаам ја почна својата песна и рече: „Стани, Валаку, и послушај! Послушај ме со увото, Сефоров сине!

19 Бог не е човек па да лаже, не е човечки син за да се кае, зар Тој кога ќе рече, и не ќе направи? Зар ветува, па не исполнува?

20 Ете, јас почнав да благословувам, зашто Тој благослови, и јас не можам да го сменам тоа.

21 Не видов неправда во Јаков, ниту видов престап во Израел; Господ, неговиот Бог, е со него, и царско воскликнување има меѓу него.

22 Бог го изведе од Египет, тој му е нему како биволски рогови.

23 Нема волшебства против Јакова ниту вражања против Израел. И кога ќе им речат на Јаков и на Израел: ‘Што прави Бог?’

24 Ете, народот ќе стане како лавица, ќе се крене како лав: нема да легне додека не го проголта пленот, додека не ја испие крвта на убиените.”

25 Потоа Валак му рече на Валаама: „Не проколнувај го ни со клетва, но не благословувај го ни со благослов.”

26 Валаам му одговори на Валака: „Зар не ти реков: ‘Сè што ќе рече Господ, тоа ќе правам.’”

27 Потоа Валак му рече на Валаама: „Дојди! Ќе те одведам на друго место. Можеби на Бога ќе Му биде право да ми го проколнеш оттаму.”

28 И Валак го одведе Валаама на врвот Фегора, откаде се тегне глетка кон Јешимон (Пустина на Јуда).

29 „Изгради ми тука седум жртвеници - му рече Валаам на Валака. Натаму, приготви ми тука седум јунци и седум овни.”

30 Валак направи како што рече Валаам и принесе по еден јунец и по еден овен на секој жртвеник.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36