1 Господ му рече на Мојсеја:
2 „Одмазди им се на Мадијанците за Израелевите синови; а потоа ќе им се придружиш на твоите луѓе.”
3 Мојсеј му рече на народот: „Вооружете луѓе од меѓу себе за војна против Мадијанците, за да ја извршат Господовата одмазда врз Мадијанците.
4 Испратете во војна по една илјада од секое Израелево племе!”
5 И така од израелевите семејства - по илјада од племе - собраа дванаесет илјади за војна.
6 Мојсеј ги испрати - по илјада од племе - на војна заедно со Финес, синот на свештеникот Елеазар. Тој ги носеше светите садови и трубите за тревога.
7 Тие завојуваа против Мадијанците, како што Господ му заповеда на Мојсеја, и ги погубија сите машки.
8 Меѓу другите ги погубија и мадијанските цареви: Евиј, Реком, Сур, Ур и Рева - пет мадијански цареви! Со меч го погубија и Валаама, Веоровиот син.
9 Тогаш Израелевите синови ги одведоа во плен: мадијанските жени со нивните деца и сиот нивни добиток, крупниот и ситниот, и го запленија сето нивно богатство.
10 Со оган ги изгореа сите нивни градови во кои живееја и сите нивни населби,
11 а сè нивно зедоа во плен и грабеж: и луѓе и животни.
12 Тогаш, во логорот во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон, ги доведоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при целото Израелско општество: заробените, пленот и ограбеното.
13 Мојсеј, свештеникот Елеазар и сите главатари на заедницата им излегоа во пресрет надвор од логорот.
14 Мојсеј се налути на заповедниците на војската, на илјадниците и на стотниците, кои се вратија од воениот поход.
15 Им рече: „Што! Вие ги оставивте живи сите женски!
16 А токму жените, по Валаамовото наговарање, ги заведоа Израелевите синови да истапат против Господа во Фегоровиот случај. Така дојде помор во Господовото општество.
17 Затоа убијте ги сите машки деца! А убијте ја и секоја жена, која запознала маж!
18 А оставете ги живи за себе сите девојки, кои не запознале машко.
19 Вие пак останете надвор од логорот седум дена; сите вие кои убивте некого и кои се допревте до убиен. Очистете се и вие и вашите заробеници во третиот и во седмиот ден;
20 очистете ги: сета облека, сите кожени работи - сè што е направено од козина и сите дрвени предмети.”
21 Потоа свештеникот Елеазар им проговори на борците, кои се вратија од војна: „Ова е законска повелба што му ја даде Господ на Мојсеја:
22 Златото, среброто, бронзата, железото, оловото и калајот,
23 сè што поднесува оган - поминете го низ оган, и ќе биде очистено. Сепак, нека биде очистено и со водата за очистување. А сè што не поднесува оган поминете го низ вода.
24 На седмиот ден исперете ја вашата облека, и ќе бидете чисти. Потоа можете да се вратите во логорот.”
25 Господ му рече на Мојсеја:
26 „Ти, свештеникот Елеазар и главните старешини на општеството направете попис на воениот плен, на луѓето и на добитокот,
27 а тогаш поделете го воениот плен на половина: за војниците кои одеа во војна и за сета друга заедница.
28 А од војниците, кои одеа во војна, задржи данок за Господа: по една глава на пет стотини од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток.
29 Земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар како воздигнат принос за Господа.
30 А од половината што ќе им припадне на другите Израелеви синови, земи по една глава од педесет: од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток - од сите, па дај им ги на левитите, кои служат во Господовиот Шатор.”
31 Мојсеј и свештеникот Елеазар направија како што му нареди Господ на Мојсеја.
32 Воен плен - освен ограбеното што го зедоа војниците - има - ше: шест стотини седумдесет и пет илјади ситен добиток,
33 седумдесет и две илјади крупен добиток,
34 шеесет и една илјада ослици,
35 а човечки души - жени кои не запознале машко - имаше вкупно триесет и две илјади.
36 Според тоа, половината, што им беше доделена на оние, кои одеа во војна, беше: три стотини триесет и седум илјади и пет стотини грла ситен добиток;
37 данок за Господа од ситниот добиток: шест стотини седумдесет и пет грла;
38 крупен добиток имаше: триесет и шест илјади, а нивниот данок за Господа: седумдесет и две грла;
39 ослиња: триесет илјади и пет стотини, а од нив данок за Господа: шеесет и едно.
40 Човечки души: шеснаесет илјади, а од нив данок за Господа: триесет и две души.
41 Мојсеј му го предаде данокот на свештеникот Елеазар, за воздигнат принос на Господа, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
42 А од половината на другите Израелеви синови, која Мојсеј ја оддели од војниците;
43 половината на заедницата изнесуваше: триста триесет и седум илјади и пет стотини ситен добиток,
44 а крупен добиток триесет и шест илјади;
45 ослиња: триесет илјади и пет стотини,
46 а човечки души: шеснаесет илјади.
47 Од половината на Израелевите синови Мојсеј зеде по едно на педесет, и од луѓето и од добитокот, па им ги даде на левитите, кои служеа во Господовиот Шатор, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
48 Тогаш воените заповедници, илјадниците и стотниците, му пристапија на Мојсеја,
49 и му рекоа: „Твоите слуги ги преброија војниците, кои беа под наше заповедништво, и ниеден од нас не загина.
50 И ете, ги донесовме нашите дарови за Господа: нараквици, златни нешта, прстења, наушници и огрлици - кој какво што нашол златно нешто - за покривање на гревовите на нашите души пред Господа.”
51 Мојсеј и свештеникот Елеазар го примија од нив златото, сето во направени украси.
52 И сето злато, што илјадниците и стотниците го донесоа за воздигнат принос за Господа, беше: шеснаесет илјади седум стотини и педесет шекели.
53 Војниците грабеа секој за себе.
54 Така Мојсеј и свештеникот Елеазар го зедоа златото од илјадниците и стотниците па го донесоа во Шаторот на средбата, за спомен на Израелевите синови пред Господа.