1 Господ му рече на Мојсеја:
2 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе влезете во земјата во која ќе живеете и која Јас ви ја давам,
3 и кога ќе почнете да Му принесувате жртва на Господа: паленица или закланица, жртва заветница или доброволна, или принос по повод вашите празници - правејќи така од крупниот или од ситниот добиток пријатен мирис за Господа -
4 жртвоприносникот нека го принесе својот дар на Господа: лебен принос од десет ефи чисто брашно, измешано со четврт ин масло.
5 Покрај паленицата или покрај закланицата принеси четвртина ин вино за налевница на секое јагне.
6 А принесувајќи овен, принеси и лебен принос: две десетини ефи пченично чисто брашно, измешано со една третина ин масло;
7 принеси и вино за налевница третина ин за благоугоден мирис на Господа.
8 Ако Му принесуваш на Господа јунец како паленица или како закланица, за да исполниш завет или како помирителна жртва,
9 тогаш покрај јунецот нека се принесат: три десетини ефа пченично чисто брашно, измешано со половина ин масло,
10 а за налевница принеси половина ин вино, како паленица за пријатен мирис на Господа.’
11 ‘Така нека се постапи при секое принесување на вол, на овен, и на секоја глава ситен добиток, овца или коза:
12 колку и да ги принесете, направете така за секое одделно, според нивниот број.
13 Секој роден во татковината нека постапува вака, кога принесува палена жртва за пријатен мирис на Господа.
14 И ако некој туѓинец, кој живее среде вас, или ќе биде среде вашите потомци, посака да принесе паленица за благоугоден мирис на Господа, нека прави така како што правите и вие.
15 Нека е еден закон и за вас и за туѓинецот, кој живее среде вас. Тоа е вечен закон за вашите поколенија: пред Господа, како што е со вас, така нека биде и со странецот, кој живее среде вас.
16 Еден закон и една заповед да е за вас и за туѓинецот кој е придојден меѓу вас.’”
17 Господ му рече на Мојсеја:
18 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе дојдете во земјата во која ве водам,
19 и кога ќе го јадете лебот на таа земја, принесете Му воздигнат принос на Господа.
20 Како првина од своето тесто принесете еден колач како воздигнат принос; принесете го како и воздигнат принос од гумното.
21 Од првините на своето тесто давајте Му на Господа воздигнат принос од поколение до поколение.’
22 ‘Ако згрешите неволно и не исполнувате некоја од заповедите што Господ ги соопшти преку Мојсеја -
23 сè што Господ ви нареди преку Мојсеја, оттогаш кога ви ги даде заповедите па натаму од колено до колено -
24 тогаш: ако е направено тоа поради невнимание скришно од општеството, целото општество нека принесе еден јунец како паленица за пријатен мирис на Господа со лебен принос и со налевница, според правилникот, и еден јарец во жртва за грев.
25 И свештеникот ќе направи покривање на гревот за целото општество на Израелевите синови, па ќе им биде простено; зашто тоа беше грешка, а тие го принесоа својот дар - палена жртва на Господа - и принос за грев пред Господа за своето невнимание.
26 Ќе и биде простено на сета израелска заедница, а така и на странецот, кој живее среде нив, зашто целиот народ згреши од незнаење.’
27 ‘Ако згреши поединец од незнаење, нека принесе едно женско јаре годиначе како жртва за грев.
28 И свештеникот ќе направи покривање на гревот за човекот, кој згрешил неволно од незнаење, и ќе биде чист, и ќе му биде простено.
29 Кога некој ќе згреши од невнимание, нека ви важи еден закон и за домородецот и за странецот, кој живее среде вас.
30 Но оној кој направи нешто волно, било да е роден во татковината или странец, тој хули на Господа. Таквиот нека биде истребен од својот народ,
31 зашто го презре Господовото слово и ја прекрши Неговата заповед. Таквиот нека биде истребен. Неговата вина нека падне на него!’”
32 Кога Израелевите синови беа во пустината, најдоа човек како бере дрва во саботен ден.
33 И тие, кои го најдоа дека бере дрва, го доведоа при Мојсеја и Арона и при целото општество.
34 Го ставија под стража, зашто уште не беше одредено што треба да се прави со него.
35 „Човекот треба да биде погубен! - му рече Господ на Мојсеја. Сето општество нека го затрупа со камења надвор од логорот.”
36 Целата заедница го изведе надвор од логорот и го каменува, и тој загина, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
37 Господ му рече на Мојсеја:
38 „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: Нека прават реси на рабовите на своите облеки, од род до род; а за ресата на секој раб нека врзуваат сина врвца.
39 Ќе имате реси за да ве потсетува погледот врз нив на сите Господови заповеди. Исполнувајте ги, а не се занесувајте со своето срце и со своите очи што толку лесно ве заведуваат во неверие.
40 Така ќе си спомнувате за сите Мои заповеди, ќе ги исполнувате и ќе бидете свети пред вашиот Бог.
41 Јас Сум Господ, вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја за да ви бидам Бог. Јас, Господ, вашиот Бог.”