1 Потоа Израелевите синови отпатуваа и се влогорија во Моавските Полиња, отаде Јордан, спроти Ерихон.
2 Валак, Сефоровиот син, виде сè што им стори Израел на Аморејците.
3 Моав се исплаши мошне од тој народ зашто беше многуброен. Страв го опфати Моава од Израелците.
4 Затоа Моав им рече на Мадијамските старешини: „Сега овој народ ќе изеде сè околу нас, како што волот ја испасува тревата по полето.” Валак, синот Сефоров, беше моавски цар во тоа време.
5 Тој му испрати посланици на Валаама синот Веоров, во Фатур, што се наоѓаше покрај Реката, во земјата на Амонците. Го повика, велејќи: „Еве, еден народ дошол од Египет; еве го покри лицето на земјата и се насели покрај мене.
6 Затоа дојди и проколни ми го овој народ, зашто е посилен од мене. Така ќе можам да го совладам и да го истерам од земјата. А знам дека е благословен оној кого ќе го благословиш, а проклет е оној кого ќе го проколнеш.”
7 Моавските старешини и Мадијамските старешини тргнаа со подароци во своите раце за вражање. Стигнаа при Валаама и му ја пренесоа Валаковата порака.
8 Тој им рече: „Ноќевајте тука, па ќе ви одговорам според она што ќе ми каже Господ.” Така моавските управители останаа кај Валаама.
9 Бог дојде при Валаама и праша: „Кои се тие луѓе со тебе?”
10 Валаам Му одговори на Бога: „Валак, Сефоровиот син, ги испрати кај мене со порака:
11 ‘Еве, еден народ дошол од Египет и го покри лицето на земјата. Дојди да го проколнеш. Така ќе можам да го совладам и да ги истерам.’”
12 Но Бог му рече на Валаама: „Не оди со нив! Не проколнувај го оној народ, зашто е благословен.”
13 Наутро Валаам стана и им рече на Валаковите кнезови: „Одете си во вашата земја, зашто Господ не ме остава да тргнам со вас.”
14 Моавските кнезови станаа, отидоа кај Валака и му рекоа: „Валаам не сакаше да тргне со нас.”
15 Валак пак испрати кнезови, помногубројни и поугледни од првите.
16 Тие дојдоа кај Валаама и му рекоа: „Валак, синот Сефоров, порача вака: ‘Не двоуми се, туку дојди при мене.
17 Ќе те наградам богато и ќе направам сè што ќе речеш. Дојди, те молам, и проколни ми го овој народ!’”
18 Но Валаам им одговори на Валаковите слуги: „Да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не би можел да ги престапам заповедите на Господа, мојот Бог, за да направам нешто, било големо било мало.
19 Но поминете ја и вие ноќта тука, за да научам што ќе ми рече уште Господ.”
20 Во ноќта Бог дојде при Валаама и му рече: „Ако тие луѓе дојдоа да те повикаат, стани, тргни со нив! Но да правиш само тоа што ќе ти речам Јас!”
21 Наутро Валаам стана, и и стави грубо дрвено седло на својата ослица и отиде со моавските кнезови.
22 Но Божјиот гнев пламна зашто тој тргна. Затоа Господов Ангел застана на патот за да го спречи. Тој јаваше на својата ослица, а го придружуваа неговите два момка.
23 Кога ослицата го забележа Господовиот Ангел како што стои на патот, со извлечен меч во раката, сврти од патеката и тргна по полето. Валаам почна да ја бие ослицата за да ја врати на патот.
24 Тогаш Господовиот Ангел застана при тесниот премин, меѓу лозјата, а имаше ограда и од оваа и од онаа страна.
25 Ослицата, забележувајќи го Господовиот Ангел, се стисна покрај ѕидот и ја притисна до ѕидот Валаамовата нога. Тој пак почна да ја бие.
26 Господовиот Ангел тргна напред па застана на тесно место, каде не можеше да сврти ни десно ни лево.
27 Кога ослицата го согледа Господовиот Ангел, легна под Валаама. Валаам се налути и почна да ја бие ослицата со стап.
28 Тогаш Господ ја отвори устата на ослицата, па таа му проговори на Валаама: „Што ти сторив па ме биеш веќе трипати?”
29 Валаам и одговори на ослицата: „Затоа што ме навреди! Да имам меч во раката, сега ќе те убиев!”
30 А ослицата му одговори на Валаам: „Зар јас не сум твојата ослица на која јаваше во текот на целиот твој век до денес? Дали имав навика да постапувам така со тебе?” „Не!” одговори тој.
31 Тогаш Господ му ги отвори очите на Валаама, и тој го виде Господовиот Ангел како што стои на патот, со гол меч во раката. Тој ја наведна главата и му се поклони.
32 Тогаш Господовиот Ангел му рече: „Зошто ја биеше веќе трипати твојата ослица? Па јас истапив за да те спречам, зашто, пред моите очи, патот те води во пропаст.
33 Ослицата ме забележа и се отстрани од мене сите трипати. Ако не ми се отстрануваше, веќе ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.”
34 Тогаш Валаам му рече на Господовиот Ангел: „Согрешив! Не знаев дека ти стоиш на патот пред мене. Но сега, ако е зло во твоите очи, јас ќе се вратам.”
35 Но Господовиот Ангел му одговори на Валаам: „Оди со луѓето, но зборувај само она што јас ќе ти кажам.” Така Валаам отиде со Валаковите првенци.
36 Кога Валак чу дека доаѓа Валаам, му излезе во пресрет до градот Моав што се наоѓа на границата на Арнон, на крајот на подрачјето.
37 „Зар не праќав упорно по тебе и те повикував? Зошто не ми дојде? - му рече Валак на Валаама. Зар навистина не можам да те наградам богато?”
38 „Еве ти дојдов - му рече Валаам на Валака. Но дали ќе можам да ти кажам нешто сега? Само она што Господ ќе го положи на јазикот, тоа ќе го зборувам.”
39 Потоа Валаам тргна со Валака и дојдоа во Киријат-Узот.
40 Валак жртвува и волови и овци, па од тоа им раздаде на Валаам и на кнезовите, кои го придружуваа.
41 Наутро Валак го зеде Валаама и го одведе на високите Ваалови места, откаде можеше да го види крајниот дел на народот.