Броеви (4 Moj.) 11:28-34 MKB

28 Исус, синот Навинов, кој му прислужуваше на Мојсеја од својата младост, прозбори и рече: „Мојсеј, мој господару, замолкни ги!”

29 Мојсеј му одговори: „Зар завидуваш заради мене! Ох, кога сиот Господов народ би станал пророк! Кога Господ би Го излеал Својот Дух на нив!”

30 Потоа Мојсеј и Израелевите старешини се вратија во логорот.

31 Тогаш Господ заповеда па задува ветер и донесе потполошки од морето и ги расфрла околу логорот, на ден одење и од оваа и од онаа страна на логорот, и два лакти над земјата.

32 Народот стана и собираше потполошки целиот ден, целата ноќ и целиот утрешен ден. Оној кој собра најмалку од нив имаше десет гомори. Потоа ги простреа околу логорот.

33 Месото уште беше меѓу нивните заби - уште не го сожвакаа - кога пламна Господовиот гнев против народот: Господ го удри народот со страшен помор.

34 Она место беше наречено Киврот Атава (Гробница на Лакомост), зашто таму ги закопаа оние што се полакомија.