16 Тоа се имињата на луѓето кои ги испрати Мојсеј за да ја извидат земјата.
17 Мојсеј ги испрати да ја согледаат Ханаанската Земја па им рече: „Одете горе во Негев, и искачете се на гората.
18 Разгледајте ја каква е земјата. Дали народот, што живее во неа, е силен или слаб, дали е малуброен или е многуброен?
19 Каква е земјата во која живее: добра или лоша? Какви се градовите во кои престојува: отворени или утврдени?
20 Каква е почвата: плодна или посна? Има ли дрва по неа или нема? Бидете слободни и земете од плодовите на таа земја.” Туку што беше време на раното грозје.
21 Тие отидоа горе да ја извидат земјата од пустината Син до Реова, што е на влезот во Емат.
22 Се искачија на Негев и дојдоа до Хеврон, каде се наоѓаа Ахиман, Сесиј и Телиман, Енакови синови. Хеврон е основан седум години порано отколку Зоан во Египет.