19 Каква е земјата во која живее: добра или лоша? Какви се градовите во кои престојува: отворени или утврдени?
20 Каква е почвата: плодна или посна? Има ли дрва по неа или нема? Бидете слободни и земете од плодовите на таа земја.” Туку што беше време на раното грозје.
21 Тие отидоа горе да ја извидат земјата од пустината Син до Реова, што е на влезот во Емат.
22 Се искачија на Негев и дојдоа до Хеврон, каде се наоѓаа Ахиман, Сесиј и Телиман, Енакови синови. Хеврон е основан седум години порано отколку Зоан во Египет.
23 Кога стигнаа во долината Есхол, отсекоа таму лоза со грозд и го понесоа, двајца, на стап; зедоа и калинки и смокви.
24 Тоа место беше наречено Долина Есхол, заради гроздот што Израелците го отсекоа таму.
25 По четириесет денови се вратија од земјата што ја согледуваа.