Броеви (4 Moj.) 18:13-19 MKB

13 Твои нека бидат првите родови од сè во нивната земја, што ќе ги донесуваат на Господа. Секој, кој е чист во твојот дом, може да ги јаде.

14 Сè, што ќе биде заветувано во Израел нека биде твое.

15 Секое првородено на сите суштества - како на луѓето така и на животните - што Му се принесува на Господа, нека биде твое. Само остави да бидат откупени: првенецот од луѓето и првото родено од нечистиот добиток.

16 Остави да ги откупуваат кога ќе бидат на возраст од еден месец. А одреди ја нивната откупна цена: пет сребрени шекели, според светилишниот шекел, а тоа се дваесет гери.

17 Но нека не бидат откупувани: кравјото првородено, овчјото првородено и козјото првородено. Тие се светина. Нивната крв излеј ја врз жртвеникот, а нивната лој изгори ја како паленица за благоугоден мирис на Господа.

18 Нивното месо ти припаѓа тебе; како и градите на движниот принос и десната плешка.

19 Сите воздигнати приноси, што Израелците ги воздигаат пред Господа, ви ги давам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе, со вечен закон. Тоа е посолен завет, вечен пред Господа, за тебе и за твоето потомство со тебе.